Пишува: Љубомир Костовски
Лабораторијата Алиса во земјата на чудата на Христијан Мицкоски преку ТВ Сител ни соопшти утешна информација – ние сме биле меѓу 5-те европски земји со најниска месечна инфлација. Јасно, само во оваа лабораторија може да се бараат вакви статистики. Еднаш бевме нели 4-ти по раст на економијата?! Па и не така одамна.
А добро е да ни посочи на кое место сме по висина на просечна плата. Или на најниската плата. Или по просечен износ на националниот доход по жител… Предвид доаѓаат само земји од Африка, на пример.
Мисли премиерот ние сме го заборавиле она влечење за ракавот на неговиот костум од страна на фактичкиот газда на оваа земја – Бранко Азески. Тоа е секако незаборавна сцена која длабоко ја изразува сликата за тоа кој е кој во оваа земја. Затоа, трговските фирми се множат во редот на најдоходовните, а особено на оние со најбрз растечки приход. Ова е само резултат на постојаниот скок на цените за кои не е најден излез и обратно, за сѐ поголемото тонење на народот во мизерија.
Вчера економскиот стручњак Бранимир Јовановиќ јасно му кажа на премиерот дека ние сме единствени кои немаме кризна стратегија во таа Европа со која сака да се споредува. Кај нас не пловиме, сликовито кажува тој, во овие матни времиња сите не сме сместени во ист брод, туку некои во јахти, а други во мали чамчиња во кои само што не сме се превртиле.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА














































