Пишува: Зоран Иванов
Техничката влада е непродуктивен кабинетски бирократско партиски аферџиско оговарачки клуб за предизборна забава.
Но, на актуелната партиска гарнитура на власт, нема никаква основа да ѝ се верува.
Евидентирано е дека таа е до лакти извалкана во изборни нерегуларности.
И има многу искуствени причини за сомнежи дека оставена без контрола,
ќе ги репризира своите изборни криминалии и дека пак ќе ги злоупотребува заедничките државни ресурси.
Во едни вакви околности, дефинирани во насловот на овој текст, алтернатива за надживеаната пржинска влада, би можела да биде една политичка, една консензуална меѓупартиска согласност за некаква друга контролна изборна форма.
За некаков поинаков предизборен и изборен формат како супститут за техничката влада.
Можеби клучот за фер македонски избори би требало да се бара во барање зајакната меѓународен предизборен и изборен надзор.
Практично, робусен меѓународен тим контролори со широки надлежности врз нашите институции и нивните кадровски и материјални ресурси кои, на што силно се сомнева опозицијата, би можеле да бидат изборно злоупотребени во корист на владејачката гарнитура.
Па, ако опозицијата е со право скептична во врска со последиците од укинувањето на техничката влада, а власта конечно искрена во аргументите за нејзино депонирање во историјата, и на едните и на другите, ете им ја ЕУ – веќе првите наредни парламентарни, заедно со ДИК, со широки меѓународни овластувања да ни ги организираат, надгледуваат и спроведат бриселските бирократи.
Вака како што насилно тргнала власта за едностраното укинување на техничката влада, тоа е само уште еден чин на политичко насилие.
Уште едно угоре за власта, но и уште едно веќе видено и слушнато – удолу за државата.
Текстот е личен став на авторот | НОВА











































