Пишува: Оливер Андонов
Се сеќавам на воведот во прославата на Илинденското востание на Мечкин камен 2018 година кога актерот Роберт Велјановски го интерпретираше писмото на Дамјан Груев. Кога со громогласните извици на Даме „УРА ЗА МАКЕДОНИЈА“ нѐ пренесуваше во славното време на Илинденците и почетокот на борба за современа Македонија, македонски народ и македонска нација како дел од Европа.
За жал, од таа 2018 година па до ден денес никако повторно да извикаме „УРА ЗА МАКЕДОНИЈА“, да извикаме во еден современ контекст за Македонија како земја членка на ЕУ, дел од современите европски нации и држави со перспектива за нацијата и државата.
За националните поделби
Трагично е тоа што во минатата колумна ви го напишав и толку брзо се остварува. Се делиме по сите можни основи, во рамки на македонската нација, етнички и социјални па дури и во односите внатре во македонскиот народ. Повторно се прогласуваат за предавници и анти-Македонци луѓе за кои поради политичко несогласување „лидерот“ оценил дека треба да бидат линчувани во јавноста, секако за да не му пречат во неговите големи лични цели кои ќе ни ги претставува како национални. И не само тоа, туку за луѓето кои се претставуваат како национални предавници во една полна со омраза кампања кон јавноста, токму таа јавност не знае ништо. Не знае ниту кои се всушност, ниту како го достигнале својот општествен углед кој сега „лидерот“ сака да им го урне, ниту пак знае јавноста нешто за нивниот живот и реалните нивни придонеси за нашата татковина Македонија на професионален и друг план. Единствено се фаќа на мамката наречена загрозен национален идентитет и голтање на секаков смет кој го разорува мозокот и ја огорчува душата со пис јазик.
Секогаш кога имам време и постои желба од страна на мојот соговорник или соговорници се обидувам да им ги разјаснам дилемите кои пропагандата им ги создава во насока на македонска национална поделба за туѓи интереси и секако во однос на согледувањето на реалните состојби и перспективи за Македонија во ЕУ и бесперспективноста надвор од ЕУ. На крајот, моите секогаш драги соговорници остануваат зачудени за тоа колку биле слепи при очи и што сѐ прифаќале како вистина која им го помрачувала умот и ги терала да мразат. Да мразат и имаат слика за наши луѓе – Македонци, припадници на македонската нација кои и не ги познаваат. Ете така вулгарно, безобразно и дури и со омраза кон сопствениот народ „лидерот“ манипулира токму со тој народ во кој се колне и за кој нели работи посветено да му го сочува националниот идентитет кој некој божем сака да му го земе. И тука се поставува едно прашање.
Дали некој овде е нормален? Ова е прашање за милион долари, а одговорот е многу јасен и низ неделниов пример кој ви го изложувам на знаење. Како е возможно наша македонска спортистка во борење, девојче од Штип и член на македонски спортски клуб да не добие поддршка од боречката федерација на Македонија да учествува на европското првенство во борење за млади до 17 години? Не добива поддршка клубот од Штип затоа што бил за СДС а федерацијата ја води ВМРО. Какви се овие будалаштини? Будалаштини кои скапо нѐ чинат на национално ниво. Токму во однос на заштитата на националниот идентитет наш Македонски. Резултатот на тоа е настап на македонска спортистка под знаме на Бугарија и освојување на европско сребро во борење. Ами и сега ли ни е виновна Бугарија? Чие е европското сребро кое го освои Андреа Нисева? Нејзино, пред сѐ. За наш македонски срам не е и на македонската држава, бидејќи не дозволувајќи ѝ настап под македонско знаме, ние се откажавме од Андреа и нејзиниот европски успех, а сакаме да викаме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА и тоа со право по вакви успеси на таленти како што е Андреа. Како сега да се однесуваме кон Бугарија која ѝ ја даде поддршката на Нисева да настапи на европското првенство, а нејзината Македонија, нашата Македонија тоа ѝ го оневозможи. Бугарија ѝѝѝѝ даде можност на Андреа да учествува и да освои европско сребро, свесна дека таа е Македонка од Штип и дека на еден или друг начин тој факт нема да биде сокриен, но тој факт многу кажува, а најмалку е на наша чест.
За внатрепартиската демократија во ВМРО-ДПМНЕ
Како да извикаме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА, кога сето тоа што како внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ ви го кажавме во однос на внатрепартиските тенденции на Мицкоски, се остваруваат. Како да воскликнеме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА кога владата на Мицкоски отворено, па дури и агресивно спроведува антиевропска политика и уште за тоа ја обвинува ЕУ.
Новата потпора на Мицкоски по падот на Орбан и тоа јавно се гледа е Вучиќ. Ништо ново, но ново е и поврзувањето со Фицо кој како наследник на Орбан ја има московската задача да биде камчето во чевелот на ЕУ и секако божем менторот на Мицкоски и Вучиќ во ЕУ кој по потреба ќе им го смести кога од него тоа ќе го побара Москва. Откако Јанша успеа да формира влада во Словенија ќе биде интересно, со оглед на најавите на претседателот на словенечкото собрание која може да стане реалност.
Но, нашата ВМРО-ДПМНЕ, неминовно оди по патот на Мечиер, а тоа Фицо нема да му го каже на Мицкоски како негативно политичко искуство. На нашите сопартијци јасно им кажавме уште пред неколку месеци што чека Мицкоски. Откако виде што му донесе април во Будимпешта, како што и се очекуваше, ги обезвласти потпретседателите на партијата и си остана сам на чело на истата. Тие пак – потпретседателите, бивши сега веќе, среќни што „водачот“ ги погледнал милозливо и ги оставил во Извршниот Комитет на нашата партија, се утепаа упикувајќи му се преку јавни заблагодарувања на професор д-р претседател и премиер Христијан Мицкоски што е дури невкусно и непријатно за гледање и предизвикува, не само потсмев, туку уште повеќе гадење. Каква психолошка, морална и интелектуална беда и понизност – невредност која претендира, море ја води партијата и државата. Генералниот секретар Ковачки во овој чин од евтината претстава за уништување на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ ја има ролјата за плашење на непослушните, а изборот, поточно именувањето на божем новите претседатели на Општински Комитети во целост ни ја отсликува внатрепартиската демократија во нашето ВМРО-ДПМНЕ.
Додека ние како внатрепартиска фракција јасно се залагаме за Статутарно регулирана дисперзија на функциите и одвојување на партиските и државните функции, со цел давање можност на членовите на партијата за широк идеолошко-политички и практичен активизам со што ќе се демократизира партијата, ќе се зголеми бројот на членството бидејќи секој ќе може реално да учествува во работата на партијата на разни начини и нивоа, Мицкоски очигледно ја зацврстува својата автократска позиција. Видливо дека тој партијата ја смета за свое последно прибежиште во кое се чувствува комотен опкружен и „заштитен“ од клиентелата. Во тој контекст очекувам онака тивко преку стриктно одбраните од него членови на Централниот Комитет (кои себеси се нарекуваат „Преторијанска гарда“ на Мицкоски) да изврши измени во Статутот на партијата и си овозможи формално правно да биде претседател на нашата ВМРО-ДПМНЕ колку што сака – доживотно.
Што реално имаме сега? Имаме пратеници и градоначалници кои се и претседатели на Општинските Комитети. Тоа значи дека Мицкоски за следниот конгрес ги подготвува делегатите (сигурните) кои од дуплирани партиски плус државни функции како делегати на конгрес нема да дозволат да се случи нешто непредвидливо. Односно, во одреден миг доколку не успее да побегне на позицијата претседател на Македонија (откако ќе ја принуди Силјановска да си даде оставка – од здравствени причини или скандалозни моменти), Мицкоски ќе остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ и ќе може едноставно и брзо да го смени Статутот. Секако, тоа не го прави од идеолошко-политичка убеденост во идеалите на ВМРО-ДПМНЕ, туку исклучиво од лична потреба за заштита, доколку падне од власт да може да се повикува на тоа дека му вршат политички прогон кога на пример ќе се најде некој (можеби и под притисок на ЕУ) да го праша за потеклото на имотот. И нема да му биде прв пат да го смени Статутот така како што му одговара. И нема да престане да го следи ограничена група клиентелисти, бидејќи одамна реков дека некои од нив да не беа во партија и на функции кои вие драги мој сопартијци им ги овозможивте, ќе беа потполни анонимуси и безвредни суштества. Но сега можат да ви глумат големина, а вие да ги молите за егзистенција. Проблемот е во вас драги мој сопартијци кои не сте дел од клиентелата и ве третираат исклучиво како сигурна гласачка база која можат да ја лажат до бескрај бидејќи ве држат во состојба на постојана борба за лична и семејна егзистенција односно преживување.
Токму оваа последна постапка на Мицкоски со претседателите на Општинските Комитети јасно ја бетонира недемократијата во нашата ВМРО-ДПМНЕ поради што се поставува прашањето дали воопшто ги заслужува светите букви ВМРО и акронимот ДПМНЕ. Замислете да се изгубат парламентарните избори, каков хаос дури тогаш би настанал во клиентелистичката структура на нашата партија. Затоа и се обидува Мицкоски да ги прикрива разните скандали на корупција, на договорки со поедини јавни обвинители, шпионски афери кои како на држава ни го уриваат интегритетот и довербата во рамките на НАТО и да ја дефокусира јавноста со бајати приказни за Уставни измени, бугарски вета, и во тој контекст да се детерминираат предавници и анти-Македонци.
И ајде сега во една вака конструирана недемократска, полтронска, клиентелистилчка внатрепартиска и тенденција за целосна апатична општетсвена атмосфера, драги мој сопартијци, воскликнете УРА ЗА МАКЕДОНИЈА! – доколку смеете.
За меѓународната позиција на Македонија
И пак да воскликнеме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА! Но зошто? Со кој елан? Дали можеби Македонија напредува, дали имаме одлична меѓународна позиција? Дали имаме одлична економска и финансиска перспектива? Можеби треба да воскликнеме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА затоа што во нашата Македонија (во Куманово) се одржа митинг за поддршка на Вучиќ под паролата „СРБИЈА ПОБЕДУВА“. Ами можеби Вучиќ и Србија, но каде е тука Македонија и дали нашата Македонија победува? Што имаме ние со Вучиќ, што имаме ние со внатрешните прашања на Србија и маките на Вучиќ со корупцијата, опозицијата, студентите и изборите? НИШТО! Но кога како народ би размислувале трезвено и про Македонски, а не како аморфна заблудена маса.
По се изгледа дека Вучиќ во Македонија кај Македонците си најде нов и подобар народ од оној во Србија кој не го сака. Како тргнало наскоро ќе прогласиме конфедерација со Србија и тоа на наша иницијатива за да Вучиќ ни биде претседател, ќе бидеме мали Срби или Јужно Србијанци, или Старо Срби, или пак најдобро Бановљани и ете решен проблем. Нема веќе да нѐ мачи името Северна, ќе си бидеме Јужна Бановина, нема да може клетите Бугари да ни го земат идентитетот Македонски, ќе си бидеме Бановљани, а ќе се решиме и од клетите Албанци (Ш*** како што милувате да ги нарекувате во намера да ги навредите), бидејќи тука ќе биде Ацо Србине да нѐ брани – како што си го одбрани Косово.
Ете во таква лудница, шизофренија и каша во мозокот денешниот Македонец, лишен од елементарна логика, познавање на сопствената историја па дури и семејно минато, колективна меморија и наметнати наративи за анти-Македонци, полн со плитки познавања и инстинктивни реакции треба да ја разбере меѓународната позиција на сопствената татковина Македонија.
Не може да ја акцептира во целост, а не пак правилно. Пред сѐ, затоа што не му се дозволува тоа и се труе со различен политичко-пропаганден смет и збир на дезинформации, лажни вести и прикривање на вистината во сите области и за реалните случувања во нашето опкружување. И да не се чудиме што сите соседи и цела Европа ни се чудат на умот. Затоа владата ќе биде не евроскептична, туку отворено антиевропска, а во исто време ќе се фали кога од таа никаквата ЕУ ќе добие 67 милиони евра од фондот за раст на Западен Балкан. Ќе ѝ бидат одобрени, но не и пуштени парите – и тоа преку агресивен ПР ќе го претставува како огромен успех во спроведувањето на реформите, а кога ќе ги прашате претставниците на ЕУ, тие ќе ви кажат дека тоа е помош за македонските граѓани за да им се намали економското страдање и неразвиеноста. Впрочем никако Мицкоски да ни каже дека нешто повеќе од половината од овие средства се поврзани со реализација на конкретни проекти. Па да видиме кои ќе бидат тие проекти и дали истите ќе ни ги одобри ЕУ како корисни и потребни. Да не биде работата како во случајот со 6-те милијарди од Обединетото Кралство.
Кога сме кај Обединетото Кралство, нели сме стратешки партнери а очигледно никако не можеме – не сме способни да ги подготвиме проектите кои Обединетото Кралство ќе ги евалуира како потребни и изводливи за да можеме да добиеме гаранции за парите кои треба да ги земеме, повторно на кредит. Нешто нема пари ниту од стратешкиот партнер САД, а пак со стратешкиот партнер Турција нема ништо ново од епохалните најави на Мицкоски од пред повеќе од една година за многу големи проекти и заеднички економски самит во Скопје. И сега ќе потпишеме стратешко партнерство со Хрватска. Јасна е мотивацијата на Хрватска како земја членка на ЕУ, но јасна е и мотивацијата на Мицкоски, а таа е само и исклучиво создавање основа за ПР и заблудување на јавноста за некаква си успешна меѓународна политика.
А меѓународната политика на Македонија е поврзана исклучиво со отпочнувањето на преговори за членство во ЕУ и завршување на тој пат кој започнува со уставните измени и завршува со реални и видливи институционални и општествени реформи. Неколку пати јасно ви кажав почитувани читатели дека Бугарија (Радев, Чамова или едикојси) нема да се помести ниту за јота од одредбите на Европскиот договор. И сега требаше на Тимчо лично Чамова во Шведска да му го каже тоа за да повторно не разбере и да објаснува што би се рекло – бош муабети. Повторно статива Тимчо и покрај сите обиди да се создаде привид за некаква си успешност.
На сето ова се надоврза Фицо по задача од Москва за да создаде благопријатно политичко мочуриште за нашите политиканти дека ЕУ не нѐ сака, па така експресно го одби предлогот на Мерц во однос на Западен Балкан и Украина.
Така, нашата меѓународна позиција е лоша, иако во однос на претставувањето на истата пред македонската јавност се применуваат разни методи на полуинформации, создавање магла и анти-Европски наратив. За среќа, Македонија е земја членка на НАТО па нѐ држат на површината иако и во таа насока ни се случуваат секакви глупости за кои во оваа колумна нема да зборувам во детали и ќе ги оставам актерите да се прпелкаат пред македонската јавност и НАТО. Иако настапот на Сител на Силјановска и покрај нападната театралност укажа на тоа дека сѐ е насочено кон заташкување на настанот наречен „шпионажа“. Потценувачки е кога на македонската јавност ѝ се објаснува како Силјановска добива информации единствено во hardcopy од Агенцијата за разузнавање, а во исто време потврдува дека постои пријава за упад во компјутер поради што и едно лице е отстрането од работа префрлајќи ја суптилно (думам ти ќерко – сети се снао) вината врз претходни претседатели. Впрочем, јасно е дека, без разлика кој е претседател, системот за внатрешна и ИТ безбедност мора постојано да функционира. Како што треба јавно да се каже и постави следната низа на прашања кои ќе доведат до некаков одговор во врска со овој скандал: 1. Кој го пријавил случајот – лице? 2. Кога го пријавил случајот – датум? 3.Зошто го пријавил случајот – што се случило? 4. Кому го пријавил случајот – институција? 5. Како дознал за сторениот упад? 6. Што е преземено во врска со пријавата? 7. Кога е известено обвинителството и што презело? Кога веќе излезе работата на виделина, значи Мицкоски, нема глодари и талози или мекотели, туку некој нешто многу утнал, па некој друг самоиницијативно или по друга мотивација реагирал возбудувајќи ја јавноста. Е сега, или ќе забошотувате, или ќе бидете чесни и на македонската јавност ќе ѝ објасните што се случило (па нека е и лажна пријава за меѓусебни внатре-кабинетски или политичко-партиски пресметки или навистина шпионажа), но на НАТО партнерите ќе мора сѐ да им кажете, па што би рекле Кумановчани: „берете кожу на шиљак“.
Па, како и кога ќе ни се оствари желбата нам на Македонците да воскликнеме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА? Знаеме кога, а ќе знаеме и како громогласно да воскликнеме УРА ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ!
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА












































