До кога комунистите, кои се атеисти по правило, треба да ги решаваат клучните проблеми на МПЦ, а оние кои раководат со неа, како актуелното високо свештенство, ќе си прават самите на себе сопки и ќе ги влечат работите наназад? Оваа дилема ми доаѓа на ум во мигот кога повторно, иако по малку на мала врата, без некаков увид на поширока јавност, доаѓа еден сет на старо-нови дилеми кои покажуваат дека многу стапици одново и одново се надвиснуваат над црквата кај нас.
Како прво, на тукушто одржаниот Синод на МПЦ, според претходни информации, требаше да се направи територијална реорганизација во рамките на МПЦ. Таа треба да се случи под притисок на оние свештеници кои нашата црква ги доби „во мираз“ од СПЦ, како услов да се укине онаа „зорановата“ македонска црква што беше секција на СПЦ. Истите свештеници од таа ситуација на оние од типот „Јован без земја“ односно во случајот високосвештеник без територија, се здобија со разменска вредност заради укинување на тој дуализам, а како дел од добивањето на наводниот томос од Белград. Кај нас, дел од тие свештеници се пензионираа, претпоставувам по плаќање на заостанатите обврски кон ПИОМ од страна на касата на МПЦ, а на останатите, мислам дека се тројца плус еден, им се дадоа некои креирани подрачја да ја вршат таму службата.
Не многу одамна, еден од нив – по потекло некаде од делчевскиот крај – се жалеше дека добиле простор на кој не може многу да се заработува, а разговорно ова се толкува како да се работи за простор на кој немало манастири за да се зголеми приходот! Многу поопасно е што истиот изговори нешто што не може, а да не се толкува како класична уцена: томосот што ни е доделен –ако воопшто се работи за томос, за што ќе видиме подолу (тоа беше на 5 јуни 2022 година) – не ги минал сите институции во СПЦ; тој демек може да биде спорен и дури во иднина треба да биде потврден! Па сега ќе треба МПЦ да се извлече од таа хипотетичка закана преку ново кроење на сопствената територија! Многу непријатна ситуација, мора да се признае.
Понатаму, под притисок на владиката пелагониски Петар, а кој друг, треба да се пристапи кон поделба на европската епархија односно да се подели просторот со кој раководи владиката Пимен. Иницијаторот бара дури да се тргне од таа позиција споменатиот Пимен, кој нему му е веројатно некаков опозиционер во начинот на кој тој ги решава работите во МПЦ или ќе треба да се делат европските дијацези „да има за сите“, небаре се работи за масовно иселени верници од земјава на печалба таму, каде што тие просто копнеат да дадат прилог за црквата, ама нема доволно нови владици за тоа да го извршат.


Постои и трет проблем кој ги наткрилува претходните. Неодамна е востоличен новиот грузиски патријарх Шио III (Мујере), а се очекуваше при тој чин таму да биде и нашиот архиепископ г.г. Стефан, како шанса да дојде во контакт со Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Барем во таа смисла за наведуваше ваква хронологија на важните настани за МПЦ. Веројатно и би се заборавила оваа најава, ако во емисијата на ТВ 24 вести од овој месец гостите Бранко Ѓорѓевски, новинар кој постојано ги следи црковните собитија и поранешниот раководител на државното тело за односи со верските заедници Цане Мојановски, одново не го актуелизираа прашањето на блокирањето на односите со Вселенската патријаршија. Ова што се случуваше во последните три-четири години доведе да нема покана за пат во Грузија на востоличувањето на патријархот Шио и до ситуацијата грузискиот избраник да не ја спомене нашата црква во редот на признаените цркви од православниот свет во своето обраќање!


Факт е дека по сите напори на функционери од СДСМ или луѓе блиски на неа постоеја значајни почетни чекори признавањето на нашата „расколничка црква“ и отворање на можноста таа да се помрдне од мртвиот агол во кој се наоѓаше подолг период. Но, затоа, стратегијата на самопрогласениот „трет Рим“ – Руската православна црква, како дел од тамошната државната стратегија, стана успешна во своите намери да не сопре во водењето самостојна и успешна политика со цел на подобрувањето на сопствената меѓународна позиција.
Често се потсетувам на една сцена од една емисија „Актуелни разговори“ на познатиот водител на РТВ Белград – Јово Шчекиќ, каде гостин беше првиот човек на македонските комунисти Ангел Чемерски (на таа функција од 1969 до 1982 година). Имено, во едно многу ретко гостување на некој политичар од Македонија кај овој бард на политичкото новинарство, гостинот беше прашан за тоа како се случило во центарот на Скопје да се гради соборен храм (денешниот Св. Климент) со помош на државата, а нејзината камбанарија да е повисока и од зградата на Централниот комитет (денешната зграда на Владата). Ова беше практично доста низок удар, под појас за Чемерски, но тој доста смирено рече дека МПЦ, чии објекти настрадаа од земјотресот во 1963 година, има право да добие помош за нивна обнова со средства од постојниот фонд за обнова и изградба на градот. Не се сеќавам дали имаше одговор – спорење околу височината на камбанаријата, но користењето на метрички единици пред камерите едноставно беше и непристојно. Инаку црквата и 15-тина години потоа се градеше во стилот клај-клај.


Оваа епизода беше дел од начинот со кој дури и претставникот на српската политичка фела, формално наоѓаше начини да нѐ потсети дека комунистите не треба да се мешаат во црковни работи. Оние постарите читатели ја знаат приказната околу таа тема, а за помладите да укажеме на тој факт дека црковните кругови во Белград посебно ги погоди Третиот народен собор на верниците кој јасно го поддржа постоењето на целосно самостојната црква, одржан во Охрид во јули 1967 година, кога прв човек на нашата власт и угледен и моќен политичар беше Крсте Црвенковски, под чија закрила се создадоа низа национални институции.
Нема сомнение дека беше создадена атмосфера црковната самостојност да се доизгради токму во негово време. И на сите контакти кои тогашниот претседател Тито ги имаше со српскиот клер, обично на некои колективни приеми, требаше да ги сослушува нивните жалби на Крсте Црвенковски, што секако никако не наидуваше на поинаков прием освен комплетно игнорирање од првиот човек на партијата и државата.
Таквите ситуации продолжија и по заминувањето на нашите моќни политичари по дисолуцијата на федерацијата. Имаше една индикативна епизода кога низ т.н. Нишки договор требаше да се уредат односите меѓу МПЦ и СПЦ, ама до тоа не дојде под притисок на македонската јавност, каде веќе споменатиот владика Петар имаше своја ролја!
Но обидите за зацврстување на независноста на МПЦ во меѓународниот религиски простор продолжија и тоа секогаш само кога СДСМ беше во позиција тоа да го прави, што никогаш не треба да се сметне од умот.
Поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј (2021), а една година потоа средба оствари и премиерот Зоран Заев заедно со министерот Оливер Спасовски, инаку и обајцата верници. Секогаш тоа беа контакти во рамки на напорите за национална афирмација на МПЦ.


Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА и сега ќе може да сослужува со неа. Ова е вест која стигна во 2022 година (важно е кога се случи ова и со чии напори, за да нема присвојувања).
Еве како гласи соопштението – „Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“, имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија.
Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската патријаршија, возглавен од патријархот вселенски г.г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ.
Тоа значи дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
Може ли некоја друга партија да се пофали со тавки средби или комуникации со истанбулскиот Фанар? Па и со конечното отфрлање на шизмата.
Ова навидум излегување од контекстот на темата има само за цел да покаже како наспроти напорите на партизаните (соборот во Издеглавје, Дебарца, на слободната територија во 1943 година, присуство на црковни лица на Првото заседание на АСНОМ), потоа Вториот и конечно Третиот собор во 1967 година како дел од повоената власт се дел од амбиентот кој не го создадоа ниту соседите, ниту некои други политички милјеа кај нас – тие ја чуваа енергијата за да одмогнат во тие напори или да се закитат во своето „историско“ врзување со религијата и верниците. Ама реално стануваа, намерно или од незнаење и индиферентност, дел од чинот на закатанчувањето на црковното прашање во нивниот избор за самоизолација или пак ги одбираа врховните црковни власти, оние од најновата генерација само за бизнис – релации (ископување на кобалтот, на пример). И така дојдоа до тоа црквата да се разбуди во крлетката подготвена од московско-белградскиот православен „концепт“.


Секако, тука постојат доста неразбирања и незнаење на материјата за тоа кој кому дава томос, дали постојат два томоси и кога би следел оној од квартот Фанар?
Во опширно поставените одговори на оваа тема во текстот „МПЦ-ОА: Од Еклитон до Томос за Автокефалија“, текст кој секако треба добро да се прочита за барем малку да се приближиме на материјата, порталот „48 часа“ низ историски, канонски и еклисиолошки осврти, се обидува да покаже дека автокефалијата не е само административно прашање, туку пред сè прашање на соборност, единство и канонска традиција на Црквата.
Таму се поаѓа од темата – српскиот „томос“ и киднапирање на процесот. Па се вели дека српскиот акт од 5 јуни 2022 година го прекршува 2. канон од II Вселенски Собор и 35. апостолски канон, кои забрануваат мешање во туѓа јурисдикција. Издаден е post factum, односно по активирањето на еклитонот. Тоа го прави канонски ништовен, анти-еклисиолошки и суштински скандалозен.
Во таа насока, се прави јасна дистинкција меѓу административното регулирање на односите на локално ниво (СПЦ – МПЦ-ОА) и конечната еклисиолошка потврда на автокефалијата (Константинопол). Ниедна Црква надвор од СПЦ и РПЦ не го призна тој српски „томос“; признавањето се случи исклучиво преку актот за востановување на каноничноста на МПЦ-ОА од Цариград.
Впрочем, индикативно е и тоа што самиот Порфириј, при објавувањето на актот, го формулира како „документ што ние го нарекуваме Томос“, што во академската интерпретација се чита како свесност за разликата меѓу овој акт и легитимниот (канонски) томос за автокефалија во канонската традиција на Црквата, што доаѓа исклучиво од Вселенската Патријаршија.
Неуспешните обиди за негово оправдување – предводени од Иринеј Буловиќ, Епископот Бачки и духовен отец на Патријархот Српски, Порфириј – само го потврдуваат фактот дека целата конструкција е теолошки, канонски и соборно неодбранлива, се вели во овој текст.
Практично, без томос од Цариград, МПЦ-ОА останува без сопствени епархии – тие моментално се само „администрирани“ и не се канонски доделени, со делумна зависност од СПЦ.
До 2025 година, оваа состојба се продлабочува: МПЦ-ОА сè уште е во „чекална“, без споменување во диптисите и изолирана од соборните структури на Соборната Православна Црква. Оттука, конечната стабилизација на статусот на МПЦ–ОА останува поврзана со завршувањето на канонскиот процес и со нејзиното целосно интегрирање во диптисите и во соборниот живот на Црквата.
Токму тука се открива првата замка: актот зборува со јазикот на автокефалијата, но неговата практична логика остава простор за продолжена зависност и одложена рецепција.
Оној кој во меѓувреме пребарувал низ телевизиските програми на нашите провајдери, каде огромно мнозинство се оние од српски „происход“ гледа дека зачести користењето на терминот Стара Србија и посвојувањето на нашите православни храмови.
„СПЦ се однесува како сопственик на епархии и храмови во Македонија, говорејќи за ’отстапување’ или практично, издавање под кирија. Ова директно потсетува на 1920 година, кога српската држава за да ги преземе, ги плати ’административните трошоци’ на овие епархии во висина од 1.500.000 франци, но денес тоа се претставува како великодушност. Ова прашање не е само техничко. Тоа ја допира самата природа на црковната јурисдикција. Епархиите не се приватна сопственост на една помесна Црква, туку канонски простори во кои се врши пастирска служба. Затоа, без томос од Константинопол и без целосно канонско уредување, останува отворено прашањето дали тие епархии се навистина трајно и самостојно доделени на МПЦ–ОА, или само административно ’препуштени’ во рамка што сè уште ја задржува сенката на претходната зависност.
Дополнително, ова создава простор за историско-политички наративи според кои македонското црковно наследство се претставува како дел од поширок „старосрпски“ простор. Таквиот пристап не само што го замаглува наследството на Охридската архиепископија, туку отвора можност црковната историја повторно да биде инструментализирана во служба на геополитички проекти“.
За да го скусиме доста долгиот текст, доаѓаме до суштината – авторот вели до „суштинската замка – ние (СПЦ) ќе ви дадеме автокефалија, ние сме ви браќа, не ви требаат другите“, иако е познато дека речиси еден век претходно СПЦ го одбиваше возобновувањето на Охридската Архиепископија во МПЦ. Со тоа, српскиот документ станува инструмент за вовлекување на МПЦ-ОА во геополитичка замка, бидејќи српскиот томос е анти-канонско поткопување на светоканонските и светопреданиските принципи за доделување автокефалија, а не канонско решение според соборниот принцип на Православната Црква.
На тој начин, документот може да функционира како средство за блокирање или забавување на вистинскиот пат кон целосна автокефалија: наместо МПЦ–ОА директно да го доврши процесот со првопрестолната Црква, таа се врзува за интерпретацијата на СПЦ и за модел што ја претставува српската страна како „дарител“ на она што канонски треба да се артикулира преку Константинопол.
Од друга страна, влезот на МПЦ-ОА во кругот на можноста од заедничко сослужување не ги надмина пречките кои требаа да се надминат во контакти со Вселенската патријаршија. Од таму се стигнати некои услови, а еден е особено тежок за нашите владици заради нивната папочна врпца која постои со „Третиот Рим“ посредно преку СПЦ: да се признае Украинската православна црква, која историски има многу идентичен пат како и нашиот! За Станбол тоа е повеќе од значајно во овој миг, но реално тоа значи дека ние треба да се огледаме во исто огледало во кое треба да се види конкретна решителност.
Партиите со национална наметка кај нас лесно ја прифаќаат постојната состојба на зачауреност на црквата, бидејќи, тоа е дел од нивната „географска мимикрија“ која не треба да се образложува посебно. Дури тој боравок во сопственото антре и без напор да се погледне во другите соби (можности) се претопува со фактичката позиција на МПЦ.
Како и да е, од 1943 година до денес, само комунистите, потоа и социјалдемократите имаа доволно енергија и видовитост – да го цитираме Рацин – дека „силно светнал ден“. Во било кој поглед.
Во вторникот инаку се одржа редовна седница на Синодот на МПЦ-ОА со тешки прашања кои ги навестивме во почетокот на текстот.
Најважна вест е дека владиката Петар не е повеќе член на работниот состав на Синодот на МПЦ-ОА. Поради истекување на мандатот на негово место, САС на МПЦ-ОА во полн состав го избрал митрополитот Наум. За заменик на митрополитот Наум е избран митрополитот Пимен.
Ова значи дека во следниот период, во тричлениот работен состав на САС на МПЦ-ОА ќе членуваат, архиепископот Стефан и митрополитите Наум и Агатангел.
Ова практично значи дека барем привремено руско-српската струја доби удар за кој нема да им биде сеедно. Како што напиша еден верник на Фејсбук, по оваа вест „ќе чести кафе и наполитанки“, веројатно израз на верничкото мноштво. Има и разочарани, на пример, дневниот весник „Вечер“ кој просто не може да сокрие дека владиката Петар не успеал да наметне ниту една од своите теми за кои постојано говореше на многу македонски телевизии, што нему се секогаш при рака (особено е расположена за средби со него главната уредничка на ТВ 24 вести!).
Зад насловот на овој медиум не се гледа неговата смена која е резултат и на фактот дека нему му поминал мандатот!
Индикативно е дека и прашањето за реорганизирање на епархиите е надминато на поинаков начин. Формирана е комисија која треба да ги разгледа материјално-финансиските состојби на новоформираните епархии, што значи одлука за барањата на поранешните членови на ПОА сѐ уште нема. Тие би ги покривале веројатно фондови кои би биле заеднички. А за барањата на владиката Петар во соопштенијата не се соопштува ништо посебно, а тие очевидно не би ни биле поставени, што го доотсликува коперниканскиот пресврт во Синодот кој во иднина ќе заседава без негово право на одлучување. Многу напаѓаниот владика Пимен на седницата напредува во хиерархијата што само по себе е некаков можен показател на промена на атмосферата во оваа институција, бидејќи често е опозит во размислувањата од колегата Петар.
Eppur si muove!
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Текстот е личен став на авторот | Сите права се задржани
Љубомир Костовски е новинар, колумнист и политички аналитичар. Главен уредник на неделникот ГЛОБУС.
Кога вистината е нападната, молкот не е неутрален.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, хибридните закани и авторитаризмот.
Дајте го својот придонес СЕГА












































