Украина продолжува да се движи кон Европската Унија во околности без преседан – под брутална руска агресија, ракетни напади и секојдневни безбедносни закани, но со континуирано спроведување реформи и зајакнување на институциите.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на социјалните мрежи, истакна дека Украина напредува на европскиот пат во услови низ кои не поминала ниту една друга држава кандидатка.
„Украина се движи во ЕУ во без преседан околности какви што не поминала ниту една друга држава. Бранејќи се од руската агресија, во услови на ракетни напади, Украина не запира со спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институциите, што придонесува за нејзиното напредување на европскиот пат“, напиша Дир.
Објавата доаѓа по отворањето на првиот кластер во пристапните преговори меѓу Европската Унија и Украина – кластерот „Основни вредности“ (Fundamentals), кој ги опфаќа владеењето на правото, фундаменталните права, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација и економските критериуми.
Украина се движи во ЕУ во безпрецедентни околности какви што не поминала ниту една друга држава. Бранејќи се од руската агресија, во услови на ракетни напади,🇺🇦 не запира со спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институциите, што придонесува за нејзиното напредување на 🇪🇺 пат pic.twitter.com/S6T98nDqAk
— Larysa Dir (@dir_larysa) June 17, 2026
Овој чекор се оценува како еден од најзначајните моменти во евроинтегративниот процес на Украина од добивањето кандидатски статус во 2022 година и формалното отворање на пристапните преговори во 2024 година.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја оцени одлуката како силен сигнал за европската иднина на Украина.
„Ја закотвуваме Украина во Европа. Го отворивме првиот кластер од пристапните преговори со ЕУ. Ова е огромен чекор напред. Украина постигна извонреден напредок во реформите. Тие испорачаа, а сега и ние мора да испорачаме“, порача фон дер Лајен.
Пораката ја потврдува политичката оценка во Брисел дека украинските институции, и покрај војната, продолжуваат да покажуваат капацитет за реформи, усогласување со европските стандарди и одржување на демократската и институционалната отпорност.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во повеќе наврати нагласи дека европската интеграција на Украина не е само административен процес, туку историски и безбедносен избор. За Кијив, членството во ЕУ претставува дел од пошироката борба за слобода, суверенитет и трајно место во европското демократско семејство.
Отворањето на кластерот „Основни вредности“ има и пошироко геополитичко значење. Во услови на продолжена руска агресија, Европската Унија со овој потег испраќа порака дека Украина не останува во сива зона, туку се вградува во европскиот политички, правен и институционален простор.
За Украина, ова е признание за реформскиот напор во услови на војна. За Европската Унија, тоа е тест на сопствената стратешка одговорност. Како што порача фон дер Лајен: Украина испорача – сега и Европа мора да испорача.
Б. Ј.
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА














