Кијив повторно беше цел на масовен руски напад со ракети и беспилотни летала, во една од најтешките ноќи за украинската престолнина во последните недели. Според последните извештаи, загинаа најмалку 13 лица, а 86 се повредени. Оштетени се десетици станбени згради и цивилна инфраструктура, додека спасувачките екипи продолжуваат да извлекуваат луѓе од урнатините.
Нападот траеше со часови, а експлозии одекнуваа низ повеќе делови на градот. Жителите на Кијив беа принудени да бараат засолниште во метро-станиците и подземните простори, откако украинските власти предупредија на опасност од масовен комбиниран напад.
Според градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, во нападот се повредени 86 лица, а потврдени се најмалку 13 загинати. Шефот на Кијивската градска воена администрација, Тимур Ткаченко, соопшти дека штета е регистрирана на околу 30 локации во градот, главно на станбени згради и цивилна инфраструктура. Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, соопшти дека се оштетени 20 станбени згради.
Државната служба за вонредни состојби распореди речиси 500 спасувачи и околу 100 специјализирани возила, вклучително и хеликоптер, за справување со последиците од нападот. Во делови од градот избувнаа пожари, а во неколку згради беа пријавени лица заробени под урнатини.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X порача дека Кијив повторно преживеал страшна ноќ под руски напад.
„Кијив повторно преживеа страшна ноќ под масовен руски напад со дронови и ракети. Загинаа најмалку 13 лица, има многу повредени, а оштетени се десетици станбени згради. Спасувачките екипи и натаму извлекуваат луѓе од под урнатините. #StopRussia“, напиша Дир.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го опиша нападот како „ноќ на ужас“ за Кијив и повторно ги повика партнерите да не ги одложуваат одлуките за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана. Тој предупреди дека бројот на жртви може да расте, бидејќи спасувачките екипи продолжуваат со работа на погодените локации.
Кијив повторно преживеа страшна ноќ под масовен руски напад со дронови и ракети. Загинаа најмалку 13 лица, има многу повредени, а оштетени се десетици станбени згради. Спасувачките екипи и натаму извлекуваат луѓе од под урнатините.
#StopRussia# pic.twitter.com/Qd8k8vtnro— Larysa Dir (@dir_larysa) July 2, 2026
Украинските власти повторуваат дека ваквите напади не се изолиран инцидент, туку дел од систематската руска кампања на терор врз цивилното население. Русија продолжува да користи балистички и крстосувачки ракети, ударни дронови и комбинирани воздушни напади врз градови, станбени квартови, енергетски објекти, транспортна инфраструктура и други цивилни цели.
Москва тврди дека не таргетира цивили, но последиците во Кијив повторно покажуваат спротивна реалност: погодени станбени згради, цивилна инфраструктура, пожари, урнатини, загинати и повредени цивили. Нападот врз украинската престолнина доаѓа во период на засилена руска воздушна кампања, додека Украина бара повеќе системи за противвоздушна и противбалистичка заштита.
За Кијив, пораката до меѓународните партнери останува јасна: осудата не е доволна. Потребни се брзи одлуки, дополнителни системи за противвоздушна одбрана, пресретнувачки ракети, засилен санкциски притисок врз руската воена економија и целосна одговорност за нападите врз цивилното население.
Џ. Д. / М. Д.












