Марко Маневски
Некој ќе рече дека ова е наслов за тинејџер кој вчера открил Rage Against the Machine и сега мисли дека е револуционер затоа што го избришал TikTok. Не е. Ова е најтрезвената реченица што ќе ја прочитате денес, само е замотана во малку патетика за да ви го привлече вниманието (работи, нели? Ете ве, читате).
Послушноста е најпродаванот производ на овие простори. Се продава во пакет со „биди реален“, „не ја чепкај мечката, уште полошо ќе биде“ и омилениот хит на сите времиња – „сите ние така живеевме, и ти ќе живееш“. Се купува лесно. Се плаќа ситно, на рати, така што никогаш не ја чувствуваш вистинската цена додека не се освестиш на педесет години и не сфатиш дека целиот живот си бил клиент на банка која никогаш не ти дала извод од состојбата.
И тука доаѓаме до работата што никој нема да ви ја каже на глас бидејќи звучи како ерес од учебник за уривање на државата: непослушноста не е болест на општеството. Непослушноста е неговиот имун систем.
Системот што не се менува, гние
Замислете тело кое никогаш не добива треска. Звучи идеално, нели? Е па не е, тоа е тело без имунитет, тело кое не ја препознава инфекцијата кога ќе влезе, па ја пушта да се рашири мирно и пристојно додека органите не паднат како домино на роденден на петгодишник. Треската боли. Треската е непријатна. Но треската е доказ дека нешто во вас сè уште реагира.
Истото тоа важи и за системот, државата, институцијата, фирмата, куќниот совет, сè едно. Кога никој не се буни, кога сите молчат и „трпат зашто мора“, тоа не е знак за здравје. Тоа е знак дека антителата заминале на неплатено, а инфекцијата — корупцијата, злоупотребата, малите и големите срања што некој ги прави бидејќи мисли дека може – слободно шири кампови низ целиот организам. Послушноста не ја спречува болеста. Послушноста е услов под кој болеста напредува непречено, со музика, со аплауз, со изјава дека „сè е под контрола“.
Непослушните се тие што го перат системот, а не оние што го валкаат
Овде луѓето обично ги бркаат работите, па непослушноста ја нарекуваат хаос, а хаосот го нарекуваат ред, бидејќи некој им рекол дека е така и му верувале (послушно, се разбира, како поинаку). Но погледнете ја историјата на која било пристојна работа што денес ја земате здраво за готово: осумчасовно работно време, право на глас, тоа што на работа не можат да ве избркаат без причина преку ноќ. Ништо од тоа не падна од небо како подарок од добронамерна власт. Сè тоа е изнудено со непослушноста на луѓето на кои некој им велел да „бидат реални“ и „да не го чепкаат системот“.
Системот не се поправа сам. Системот, препуштен сам на себе, го прави она што секој систем го прави кога никој не го гледа. Бара линија на најмал отпор, акумулира моќ на врвот и ги претвора правилата во алатка за оние што ги пишуваат. Тоа не е заговор. Тоа е физика на општеството, здодевна како гравитацијата. Единствената сила што ја прекинува таа физика е некој кој вели „не“ и не се помрднува додека не му одговорат зошто.
Послушните луѓе мислат дека го чуваат мирот. Всушност, го чуваат статус квото за оние кои од статус квото профитираат. Разликата е суптилна како разликата меѓу лекар и погребник: и двајцата те „смируваат“, само еден го прави тоа засекогаш.
Крвта е цена, но гниењето е смрт со камата
Нема да лажам и да кажам дека отпорот е безболен, романтичен, дека изгледа како филм со добра музика во заднина. Отпорот боли. Отпорот знае да те чини работа, пријатели, понекогаш и слобода, во зависност од тоа каде живееш и колку институциите кои би требало да те штитат всушност ја вршат својата работа (спојлер: овде главно не ја вршат, но тоа е тема за друг текст, овој веќе има доволно горчина за едно попладне).
Но гниењето – гниењето ја нема таа чест барем да боли брзо. Гниењето е бавно умирање со насмевка, со „фала му на Бога што имам работа“, со генерации кои стареат мислејќи дека е нормално да им се лаже во лице и за тоа да кажат „па така било отсекогаш“. Гниењето не те убива. Гниењето само те испразнува, па го носи твојот празен облик наоколу како декорација додека им зборуваш на другите да бидат реални.
Ако морам да бирам, а морам (сите мораме, секој ден, само што тоа го нарекуваме со други имиња), бирам крв наместо гниење. Не затоа што ја сакам крвта (не ја сакам, имам низок праг на болка и уште понизок праг на толеранција на глупост), туку затоа што крвта значи дека нешто сè уште е живо и се бори. Гниењето значи дека е готово, само сè уште не е објавено во весниците.
Здравото општество е нервозно општество
Здраво општество не е она во кое сè е мирно. Здраво општество е она во кое сè е – помалку нервозно. Каде оној горе знае дека ако претера, утре некој ќе му застане на патот, па макар тоа бил еден човек со транспарент. Каде институцијата знае дека мора да одговара, зашто инаку некој ќе ја праша, гласно, јавно, непријатно.
Послушноста ветува мир. Но тоа е мир на гробишта – тивок, уреден, и никој таму не се буни зашто никој таму не е ни жив.
Јас бирам да бидам нервозен граѓанин на нервозно општество. Попрво би крварел стоејќи, отколку да гнијам седејќи. Барем знам дека, додека крварев, бев жив.
Наслов на оригиналот: Radije bih krvario u pobuni nego trulio u poslušnosti, Markolepsija, 11 јули 2026 | Сите права се задржани | ЦИВИЛ МЕДИА
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА.













