• Latest

Живот и демократија… обнова под оган. Украина

August 17, 2026
Economy - photos by Vecteezy

Разбиени илузии: Како конфликтите и вештачката интелигенција влијаат на светската економија – лето 2026

August 17, 2026
Тимоти Снајдер (фото извор: Википедија)

Тимоти Снајдер: „Немаме избор“ е една од најопасните реченици во политиката

August 17, 2026

Крваво лето 2026: Преглед на воени жаришта и кризи

August 17, 2026
Филипче - Мицкоски (фото извор: Wikimedia Commons)

Од Бриж до Егејот: Политиката се дави во препукувања, јавноста останува без информации

August 16, 2026
Колаж од фотографии од јавно достапни архиви за војната во Македонија, 2001 година

Ахмети, Бучковски и Тачи со спротивставени сведоштва за 2001: Имало ли план за поделба на Македонија?

August 16, 2026

Voxeurop ја објави анализата на Џабир Дерала за цената на заробеното правосудство во Северна Македонија

August 16, 2026

Слободата е нашата религија: Ивана Климпуш-Цинцадзе, украинска пратеничка

August 15, 2026

На Путин му се допаѓа неговата најлоша опција во Украина

August 15, 2026
Марко Маневски (фото извор: Марколепсија, блог на авторот)

Народот не ја сака ЕУ, народот сака некој друг да му ја плати скарата

August 15, 2026
Џабир Дерала, 30 јули 2026 (фото: ЦИВИЛ)

Џабир Дерала: Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, само ако со тоа се согласи Белград

August 15, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Живот и демократија… обнова под оган. Украина

Ова е далеку од целосен запис за она што го видов и слушнав за време на интензивното патување низ Украина, каде што се сретнав со општество што одбива да се предаде. Ова е обид да го осмислам доживеаното и да им се заблагодарам на луѓето што ни ги доверија своите приказни.

August 17, 2026 10:19
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5, ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Share on FacebookShare on Twitter

Џабир Дерала

CIVIL Today

Помина нешто повеќе од една недела откако се вратив од Украина, по исклучително интензивното патување низ Луцк, Кијив, Буча, Ирпин и Бородјанка. Деновите по моето враќање беа немилосрдни. Се надевав дека ќе ја напишам оваа порака порано, но тоа се покажа речиси невозможно. Сè уште ги собирам и средувам во себе средбите, разговорите, сведоштвата, сликите… и емоциите.

Но, пред да продолжам да ги споделувам извештаите и интервјуата од ова патување, има нешто што морам да го кажам:

Дякую. Ви благодарам.

Ова сè уште не е запис за сето она што го видовме и слушнавме. Тие извештаи и интервјуа ќе следуваат во деновите и неделите што доаѓаат. Мојата прва мисла откако ја напуштив Украина беше, и останува, едноставно благодарност.

Длабока благодарност.

Граничен премин, Украина, 19 јули 2026 (фото: Џабир Дерала/ЦИВИЛ)

PRESS: Ознаката што би требало да заштити, може да убие

Видов земја под постојан напад, но и општество што одбива да се предаде.

Сретнав новинари за кои зборот PRESS, ознака што треба да ги заштити, наместо тоа може да ги обележи како мета. Може да значи смрт. Сепак, тие продолжуваат да известуваат, да ја документираат руската агресија и да ги зачувуваат доказите за воените злосторства.

Гледав како сообраќајот запира додека луѓето стојат или клечат во тишина, додека еден загинат бранител го носат дома. Автомобилите се редат во долга колона. Луѓето го прекинуваат она што го прават за да се простат од херојот.

А покрај тагата, видов луѓе како ги обновуваат своите домови, своите заедници и своите животи, додека Русија напаѓа од ден на ден, обидувајќи се да го уништи она што тие го обновуваат.

Видов млади Украинци како протестираат и бараат одговорност, и видов дека беа слушнати. Не беа уапсени. Не беа замолчени. Беа слушнати. Потоа следуваше промена на самиот врв на воената команда. Дури и во време на војна, демократијата во Украина не се суспендира. Таа се практикува. Под оган.

Видов луѓе како работат, се смеат, запираат пред спомениците за тивка молитва, а потоа продолжуваат со својот ден. Не затоа што не чувствуваат страв, туку затоа што одбиваат да му дозволат на стравот да одлучува кои се и како ќе го поминат денот.

Луцк, 20 јули 2026 (фото: Џабир Дерала/ЦИВИЛ)

Буча, Ирпин и Бородјанка: Сеќавање и надеж

Едно искуство стана уште потешко да се прифати по нашето враќање.

Во четвртокот, на 23 јули, Волфганг и јас ја посетивме Буча. Застанавме пред црквата „Свети Андриј“, одевме по Алејата на хероите и ја посетивме улицата Вокзална. Ги слушавме луѓето што ја преживеале окупацијата и биле сведоци на руските воени злосторства. Видовме како заедницата го чува сеќавањето додека го обновува животот.

Следното утро, рускиот агресор го нападна подрачјето на Буча со балистички ракети. Десет лица беа убиени, а околу сто беа повредени.

Знаете…

Тука, минатото и опасноста на сегашноста постојано се судираат на најбрутален начин. Русија сака нејзините жртви да ја прифатат агресијата како свое минато, сегашност и иднина. Како нешто трајно, неизбежно и нешто на кое не може да му се спротивстават. Украина повеќе од дванаесет години ѝ пркоси на таа наметната реалност.

Претставниците и граѓаните на Буча, Ирпин и Бородјанка ни покажаа места на огромно страдање и уништување, но и инспиративни примери на храброст и решителност да закрепнат и повторно да изградат. Нивните приказни ќе останат со мене. И ќе бидат раскажани.

Во Буча, мојата благодарност му припаѓа на Дмитро Хапченко, управител на Градскиот совет на Буча, кој останал во градот за време на руската окупација и со нас ги сподели и своето сведоштво и својата визија за иднината. Еднакво сум ѝ благодарен и на Катерина Денисенко, која ја раководи меѓународната соработка и ни помогна да го разбереме и да го запомниме огромното страдање, но и невиденото херојство на ова место.

Во Ирпин, благодарен сум ѝ на Јевхенија Антоњук, управителка на Извршниот комитет на Градскиот совет на Ирпин, и на Олха Харченко, раководителка на меѓународната соработка, кои нè водеа низ минатото, сегашноста и иднината на ова место на отпор и решителност.

Во Бородјанка, мојата благодарност им припаѓа на Олександр Сахарук, градоначалник на Бородјанка; Олха Романченко, задолжена за меѓународна соработка, грантови и инвестиции; Катерина Михалова од Секторот за обраќања на граѓаните; и Валентин Моисејенко, локален историчар и автор на книги за окупацијата на Бородјанка.

Црква Св. Андриј, Буча, 23 јули 2026 (фото: Џабир Дерала/ЦИВИЛ)

Ни ги подарија своето време, знаење и доверба. За минатото зборуваа стоички, за предизвиците на сегашноста – со решителност, а за иднината – со надеж.

Некогаш имиња во насловите на светските медиуми, Буча, Ирпин и Бородјанка денес се места на сеќавање, обнова и надеж. Тие не смеат да бидат заборавени. Мора да бидат обновени како живи симболи на слободата на Украина и на нејзиното право самата да ја определува својата иднина.

Во Ирпин влеговме во подземниот меморијален простор посветен на окупацијата и отпорот. Таму ја запознавме Наталка Полтавка, чии видеа ги забележаа првите мигови од руската инвазија и станаа дел од колективната меморија на светот.

Потоа, еден од нашите домаќини ни ја раскажа приказната за едно дете – приказна што ги проби сите мои професионални одбранбени механизми. Во тој миг веќе не фаќав белешки и не размислував за извештајот. Едноставно бев човек што слуша друг човек како зборува за насилство, трагедија и отпор.

Од секоја средба и од секоја институција излегував, и по тие улици чекорев, со истата бура во себе. Тага. Восхит. И тивок гнев.

Луѓето со кои го споделив патувањето

Ништо од ова не го доживеав сам. Пред сè, сакам да им се заблагодарам на моите блиски колеги и пријатели, д-р Волфганг Ресман, основач на Media Dialogue и раководител на Youth4Media, и Мика Бојстер, претседател на Германското здружение на новинари – DJV.

Мика, Волфганг и Џабир – Луцк, 20 јули 2026 (фото: Володимир Данлјук)

Ви благодарам, пријатели мои. За патувањето, солидарноста, долгите разговори, тешките молчења и исклучителните мигови што ги споделивме.

Ќе го паметам Мика како гледа во виножитото над патот кон Луцк и вели: „Ова мора да е добар знак.“ Ќе го паметам Волфганг како нашата положба во западна Украина ја опишува како „окото на ураганот“.

Треба да додадам и дека двајцата имаат прекрасна смисла за хумор – токму онаква каква што ви е потребна кога миговите стануваат тешки.

Луцк: Новинарство, пријателство и светиот вертикален формат

Во Луцк, мојата најдлабока благодарност му припаѓа на Володимир Данилјук од Волинська газета. Ќе ги паметам неговата искреност, топлина и отворено срце. Ќе го паметам начинот на кој застануваше за миг, и изразот во неговите очи, кога зборуваше за новинарството, слободата и војната.

Во редакцијата на „Волинска хазета“, пречекани од Володимир Данилјук и неговиот тим и други уважени гости, Луцк, 20 јули 2026 (фото: Џабир Дерала/ЦИВИЛ)

Володимир е и новинарски ветеран и ветеран во борбата на Украина за слобода. Неговата приказна ќе остане со мене.

Благодарен сум ѝ на Оксана Рохач, универзитетска професорка, која беше наша преведувачка, водич и пријателка. Нè водеше низ напорната програма со енергија, прецизност, трпение и насмевка што не ја напушташе.

Следниот ден ни се придружи нејзината студентка Софија, која многу ни помогна, а воедно разјасни и една работа: светот денес доаѓа во светиот вертикален формат на Инстаграм.

Мојата благодарност им припаѓа и на Мирослава Сјабер и на нашите колеги од телевизијата Аверс, за топлото добредојде и за можноста сите да ги споделиме своите ставови во студиски разговор.

ТВ Аверс, Луцк, 20 јули 2026 (фото: ТВ Аверс)

Благодарен сум му на Михајло Савчак и на нашите колеги од Волинскиот огранок на Националниот сојуз на новинарите на Украина; на Лилија Бојко од Националниот совет за телевизија и радиодифузија; на Тарас Шкитер од Волинската регионална воена администрација; и на Хрихориј Пустовит од Волинскиот регионален совет.

Мојата благодарност ѝ припаѓа и на пратеничката Ирина Констанкевич, како и на нашите домаќини од Националниот технички универзитет во Луцк и Волинскиот национален универзитет „Лесја Украинка“, кои одвоија време со нас да разменат идеи за новинарството, образованието, културата и иднината на Украина.

Насловна страница на „Волинска хазета“ од 29 јули 2026

Кијив: Сведоштва, отпорност и одговорност

Од Луцк, нашето патување продолжи кон Кијив. Таму сакам да му се заблагодарам на Серхиј Томиленко, претседател на Националниот сојуз на новинарите на Украина, и на сите во Сојузот и во Кијивскиот центар за новинарска солидарност, кои толку отворено зборуваа за медиумската отпорност, заробеништвото, загубите и опасностите од известувањето од фронтот. Тие ги споделија своите искуства, како и приказните за колегите што биле убиени, исчезнале или се наоѓаат во руско заробеништво. Нивните сведоштва беа меѓу најсилните моменти од мојата недела во Украина.

Семејно фото во седиштето на Националниот сојуз на новинарите на Украина, со копии од „фронталните весници“, Кијив, 22 јули 2026 (фото: Антон Препелициа)

Благодарен сум му и на Антон Перепелица, кој ја документираше средбата и великодушно сподели со нас одлична колекција фотографии.

Укринформ, Кијив, 24 јули 2026 (фото: Укринформ)

Им благодарам на генералниот директор на Укринформ, Серхиј Череватиј, на заменик-генералната директорка Наталија Костина и на целиот тим за гостопримството. Нашиот разговор беше топол, отворен и исполнет со идеи за идна соработка — разговор што ќе го паметам. И, секако, благодарам за шолјата за кафе.

„Благодарам за шолјата за кафе.“

Благодарен сум и на Вадим Попко и Јулија Цифра, на нашите домаќини од Кијивскиот национален универзитет „Тарас Шевченко“, како и на пратениците во Врховната рада, кои одвоија време да се сретнат со нас и отворено да разговараат за демократскиот развој на Украина, европската интеграција и отпорот кон руската агресија.

Му благодарам на отец Серхиј Бережној, претставник на Православната црква на Украина, за промислениот, отворен и суштински важен разговор.

Земјата во која се враќам

Надвор од официјалната програма, имав среќа да се сретнам со моите драги пријатели Володимир Вербицки, Катерина Павлова и Астрит Истрефи. Нашите средби беа кратки, но топли, значајни и длабоко емотивни. Во вакви тешки времиња, самото тоа што ги видов ми значеше многу.


Му благодарам и на Виталиј, кој безбедно нè возеше на долгите патувања и тивко носеше огромна одговорност на своите плеќи.

Мојата благодарност им припаѓа на тимовите на Media Dialogue и Youth4Media, особено на д-р Јевхен Цимбаленко, како и на сите што ја подготвија програмата, ги организираа средбите и се грижеа за безброј детали зад сцената.

На крајот, сакам да им се заблагодарам на амбасадорката Лариса Дир, Викторија Прохорова и на целиот тим на Амбасадата на Украина во Скопје. Нивната доверба, пријателство и непоколеблива поддршка низ годините ми значат многу. Ниту оваа посета не беше исклучок.

Знам дека не можам да ги споменам сите во еден ваков текст. Но секој разговор и секоја средба, вклучително и онаа со полициските службеници на Театарскиот плоштад во Луцк, секој гест на гостопримство и секое сведоштво остануваат со мене.

Кијив, 22 јули 2026 (фото: Џабир Дерала/ЦИВИЛ)

Благодарност и одговорност

Украина никогаш не ми изгледала како земја што ја посетувам. Тоа е земја во која се враќам.

Од Украина не се вратив само со интервјуа, видеоснимки, фотографии и белешки.

Се вратив со истото чувство на одговорност што отсекогаш сум го носел, но и со нови докази зошто тоа е важно: да известувам, да сведочам, да ѝ се спротивставувам на пропагандата и да ги потсетувам луѓето дека Украина брани многу повеќе од својата територија.

Денес. Сега. Додека пишувам, а вие читате.

Украина ги брани својата слобода, својата демократија и иднината на генерациите што доаѓаат.

Таа борба има значење далеку надвор од Украина, но започнува со правото на Украинците да живеат во сопствена земја, според свои услови, без агресор што ќе им диктира што тие смеат да бидат.

И така, се враќам таму каде што започнав:

Благодарност.

До сите мои колеги, пријатели и домаќини: ви благодарам за довербата, храброста и пријателството.

Ти благодарам, Украина.

Дякую, Україно. До скорої зустрічі.

 


Наслов на оригиналот: Rebuilding life and democracy under fire… Ukraine, CIVIL TODAY, 4 август 2026


Овој текст може да се преобјавува во целост и без измени, со јасно наведување на авторот и со линк до оригиналната објава. Може да се преобјавуваат и придружните фотографии, под услов да бидат задржани сите оригинални авторски наведувања за нив.


Rebuilding life and democracy under fire… Ukraine

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ