• Latest
Љубомир Костовски (фото: Б. Јордановска / ЦИВИЛ)

Македонски поглед кон телевизијата, интернетот и демократијата

September 16, 2026
Проф. Оливер Андонов (фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ)

Демократија или право на самоволие?

September 16, 2026
Роџер Касале

Демократијата мора да биде нешто што го правиме

September 15, 2026
Проф. д-р Ана Чупеска

За да се испорача демократијата, мора да го заштитиме правото на вистина!

September 15, 2026
Бранко Тричковски

Нема човеци за демократија, ниту демократија за човечките деформитети

September 15, 2026
Проф. д-р Александар Иванов

Циркус за нула денари и затруена вода: Како демократијата стана депонија за гласови

September 15, 2026
A group of protesters raise their fists in the air. The concept embodies unity, strength, and the fight for justice. Generative AI.

Медиумската платформа на ЦИВИЛ е отворена за авторски текстови и видеопораки за демократијата

September 15, 2026

DDGI и WA4U по повод Денот на демократијата: Да се брани демократијата значи да се стои со Украина

September 15, 2026
Фото: Џ. Дерала

НАТО собори дрон над Литванија по навлегување во воздушниот простор од правец на Белорусија

September 15, 2026
Порака на кампањата на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември 2026.

ЦИВИЛ на Меѓународниот ден на демократијата: Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија.

September 15, 2026
Марш за слобода, Приштина, 12 септември 2026 (фото: LIRIA KA EMËR)

Двојна стапица: Зошто било каква одлука од Хаг ќе послужи како политичко оружје

September 14, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Македонски поглед кон телевизијата, интернетот и демократијата

Светот води сериозни дебати околу примената на новите дигитални технологии додека нашиот просечен гласач седи во пантофли и ги прима бесконечните турски серии како аналогни антидепресиви. Оние другите, младите, кои и немаат ТВ апарати, бараат други поддршки за својата пасивност и бегство од стварноста

September 16, 2026 09:18
in АНАЛИЗИ, ДЕМОКРАТИЈА, МЕДИУМИ, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Љубомир Костовски (фото: Б. Јордановска / ЦИВИЛ)

Љубомир Костовски (фото: Б. Јордановска / ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

Љубомир Костовски

Во последно време, после онаа трибина одржана во осенчениот дел од претседателската градина на Водно сѐ повеќе сум опседнат со дилемата која ја наметна домаќинката на собирот дека за демократско општество се неопходни да изминат барем 60 години. Веројатно се мислеше на должината на траењето на плуралистичко општество. Па почнав да пресметувам колку клучните слушатели – првенците во науката меѓу младите слушатели, таму присутни и „наградени“ со трибината, ќе имаат прилично години кога и кај нас ќе дојде демократијата, според прогнозите на претседателката на државата?

Ова не е без врска со насловот на темата бидејќи навистина е проблематично дали технолошкиот развој на општествата, кој ги изроди и современите медиуми, ја олеснува работата при апликацијата на демократските правила во една средина или пак се во право оние кои се сѐ покритични кон таа опција, ценејќи дека и со оние 25 години „фира“ кои нѐ делат од годината кога ќе ја прогласиме демократијата во нашата земја, ако преживееме до тогаш, ќе бидеме уште подалеку од таа цел, со оглед на актуелните дилеми во опсервацијата на улогата на медиумите, особено социјалните, во насока на креирање на подлабока или цврсто поставена демократска рамка во општествово.

Реално, колку и длабока и пријатна да е сенката во споменатата градина сѐ до пред неколку години, повеќето набљудувачи кај нас беа многу оптимисти во врска со влијанието на интернетот и социјалните медиуми врз нашиот политички систем. Па и не само кај нас.

Во една од најсуптилните рани анализи на Лари Дајмонд, политички социолог од Универзитетот Стенфорд во текстот насловен како „Ослободување на технологијата“ тој тврди дека дигиталните алатки ќе им овозможат на граѓаните да „комуницираат вести, да разоткриваат корупција, да изразуваат мислења, да започнуваат протести, да следат избори, да ја следат владата, да го продлабочуваат учеството и да ги прошират хоризонтите на слободата“.

Уф! Импозантно. Таа неговата статија не била објавена далеку наназад – во летото 2010 година. Дури тој добивал аплаузи кога по нешто помалку од една година, неговите предвидувања навидум се оствариле – масовни нереди што избувнале во арапските земји од северот на Африка плус Сирија довеле до соборување на диктаторите, како да сте срушиле кула од карти. Тоа е онаа т.н. Арапска пролет.

Зошто се споменува овој пример – во секој од тие случаи, демонстрантите ги користеле социјалните медиуми за да ја критикуваат владата, да опишуваат репресивни мерки кон народот и да го координираат времето и местото на протестот. Еден од оние кои аплаудираа на таа прогноза од 2010 година бил и Ендру Саливан во „Атлантик“, кој рекол и дека Твитерот се покажал како „клучна алатка за организирање“.

Во конфликтите на дваесет и првиот век, напиша Николас Кристоф во колумна за Њујорк Тајмс, „државните бандити што пукаат со куршуми“ сè повеќе ќе бидат пречекани од „млади бунтовници што пукаат твитови“.

Далеку бевме тогаш од времето кога телевизијата, како нов медиум, се проценуваше како клучно достигнување во технологијата која ја донесе победата на американските избори на демократот Џон Кенеди, човекот кој заработи Пулицер во 1959 година за својата книга „Пофилот на храброста“. Тој го порази противкандидатот Ричард Никсон заради тоа што беше потелевизичен – имаше класична убавина, еден холивудски шмек, неговата сопруга добро „легна“ на заедничките семејни фотографии, како модел од „Вог“ и со тоа ги надмина лошите предиспозиции за просечниот гласач – беше католик во земја каде преовладуваат протестантите.

Неговиот наследник Линдон Џонсон, исто така, го победи противкандидатот Бари Голдвотер заради ТВ кампањата со избрани коментатори – граѓани на улиците на големите градови и тоа среде кампањата (во САД не постои институција предизборен молк) ги плашеа бирачите дека Републиканецот може да предизвика атомска војна во светот. Ова последново веќе го видовме и ние на првите телевизори кои почнаа да се продаваат во „Нама“ (кратенка од Народен магазин) во периодот 1963-64 година, заедно со телевизиските антени кои носеа ризик некој да заврши на ортопедија при нивното местење на покривот.

И во домашните избори во 1994 година, телевизијата одигра секако своја ролја. Владејачката елита во име на плурализмот ги подели концесиите за ТВ сигнал на медиуми на партиите кои беа дел од истата таа елита ама влезена во една коалиција. МТВ по дифолт му припадна на СДСМ кој имаше огромно влијание во името на некогашниот СКМ. Свој канал доби и Социјалистичката партија (Сител), потоа либералите (ТВ Телма), додека опозицијата можеше да смета на условно опозициониот Канал 5 и блискоста на сопственикот со ВМРО-ДПМНЕ.

Но што се случи? Имајќи едно моќно оружје во своите раце, таквиот медиумски плурализам им даде храброст на сопствениците на фреквенции да ги осоколат своите амбиции и да ја започнат ерозија на – условно – екскомуњарскиот кампус уште на првите плуралистички локални избори. Како беше она – „дајте ми доволно долг лост и јас ќе ја подигнам планетата“… Во услови на постоење на програм со повеќе од еден, односно два ТВ канали од минатото, создаде една на моменти и налудничкава трка по власта која само чека кој прв ќе ја дограби на аголот.

Оној кој ги делеше фреквенциите со лесна рака падна во првиот двобој пред камерите на националната телевизија во едно ниту малку џентлменско соочување, снеможен пред храброста на уличната, да искористам еден наслов на наш драматург – подземна република. Грубоста и несфатливата простачка реторика на победникот на изборите во 1998 година кај нас донесе една сосема поинаква реторика кога не победи „Џон Кенеди“ пред камерите, туку грубиот, евтиниот и лесниот национализам и популизам и тоа во време кога постоењето на ТВ апарати по домаќинствата стана правило!

Народот просто не сакаше да стане и самиот дел од елитата, како при сликата на домот на Кенедиевци во1959 година, туку посака до него да седи премиер како човек со кого би сакал да се дружи на некоја бесплатна тура пијачка и да пее „патриотски песни“.

Просто на пауперизираниот гледач му се допадна неговата сопствена слика на екранот кој и онака беше форматиран главно да прикажува само црно-бела слика. Ова е само пример дека новата технологија не е играчка која му ја појаснува сликата за изборот на консументот на демократијата, туку таа слика мора да се прилагодува на често и бетонираните гледишта на гласачот и тогаш кога тоа подразбира давање или примање на нереални ветувања!

Но, дигиталната технологија одамна ја надмина телевизијата како единствен прозорец кон правото на избор на граѓанинот како основно мерило на демократијата. Навидум  – според Клеј Ширки во книгата „Еве ги сите: Моќта на организирање без организации“ (Here Comes Everybody: The Power of Organizing Without Organizations), дури и во старите демократии како САД, дигиталната технологија им го олесни организирањето на активистите. Беше ли тоа добро?

Оние кои припаѓале на десните погледи го создадоа движењето „Чајна партија“ а тоа не беше сосема фер од некој „старински поглед“ на демократија – се родија серија на вирални вербални напади врз CNBC и широко се користеле онлајн алатките како meeting.org. Левичарите како движењата „Окупирај го Волстрит“ и „Животот на црнците е важен“ се собраа преку социјалните медиуми и организираа мрежа од активисти расфрлани низ целата земја. Секој од тие примери на организирање може да се третира како дел од потенцијалот на социјалните медиуми за поддршка на демократијата.

Кај нас пионерските обиди за заеднички активности беа повидливи во 2011 година, по повод изразувањето на незадоволство од грозоморното убиство на младиот Мартин Нешковски на плоштадот во Скопје, на прославата на победата на ВМРО ДПМНЕ на парламентарните избори од страна на припадник на елитната единица „Волци“.

И обратно, појавата на т.н. Шарена револуција покажа една хронично задоцнета реакција на прес конференциите на СДСМ на кои се обелоденуваа шокантни поединости од практикувањето на власта на тимот на Груевски. Се чини дека приказните обелоденети во почетокот на февруари 2015 година ја разбудија масата граѓани во посериозен обем дури во мај таа година, што покажа дека постоеше некаков преслаб детонатор кај затапената јавност. На некој начин и тогаш како и сега, во мигот, социјалните медиуми ја немаат таа сила кај нас како и традиционалните медиуми!

Нашето општество просто е во тој поглед надвор од трендовите во современиот свет, каде, посебно во случајот на експонирањето на контроверзната личност на идниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој пак, обратно од нашиот случај, покажа способност да ги заобиколи традиционалните чувари на американската политика. Претходно, повеќето телевизиски мрежи би одбивале да ги емитуваат неговите очигледни лаги или тиради против имигрантите, религиозните малцинства и политичките противници.

Но, благодарение на Твитер, на Трамп не му беше потребна инфраструктурата на традиционалните медиуми – тој можеше директно да ги твитува своите пораки до огромна маса поддржувачи. Отпосле, дури се јави и проблем кај класичните медиуми, особено кај големите телевизиски мрежи: дали тие да ја игнорираат главната тема на разговорот и да станат ирелевантни – или да дискутираат за секој твит долго и со тоа дополнително да ја шират пораката на Трамп критикувајќи ја. Можеби не е невообичаено што ја избраа втората опција.

Постои согласност дека Трамп во првиот обид оствари тесна победа благодарејќи на Твитер. „Време е да признаеме“, напиша Фархад Манџу од „Њујорк тајмс“ неколку дена по изборите во 2016 година, „дека социјалните мрежи стануваат сили што го тресат светот, токму како што ветија нивните промотори – и да се плашиме од големите промени што ќе ги донесат, наместо да уживаме во своите можности… Сега живееме во некаква бизарна верзија на утопијата што одредени технолози ја замислуваа како последица на ефектите од социјалните медиуми“. (Овој новинар на „Њујорк тајмс“ – Farhad Manjoo – инаку како уредник на нови технологии во бизнисот имаше постојани колумни под заеднички наднаслов „State of the art” во периодот 2014 – 2018 година. Потоа замина во рубриката Opinion сѐ до заминување од весникот во 2023 година).

И чудна е таа технологија на победата која знае да се заврти за 180 степени.  Па ако десницата во САД го прогласи интернетот за свој спасител, потоа го прогласи за ангел на уништувањето. Манџу запишал дека негативниот потенцијал на социјалните медиуми е исто така многу реален. Имено, вистината за социјалните медиуми не е дека тие се нужно добри или лоши за либералната демократија, ниту дека тие по природа ја зајакнуваат или ослабуваат толеранцијата.

Како и да е, духот не може да се врати во шишето, а добивката често ја менува страната, па изгледа дека засега не е јасен погледот (или не е воедначен) како да се казнува злоупотребата од новите технологии.

А често и се прашувам дали нашиот просечен граѓанин, кој го сочинува мнозинството при гласањето на изборите не е само човек во пантофли што седи пред малиот екран и до бесконечност ги следи турските серии на најгледаната телевизија одбивајќи да прифати ништо надвор од она што му се нуди помеѓу две епизоди, макар како пристрасни вести за една политика, каде тој е жртва на аналогните антидепресиви.

 

Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.


Овој текст е дел од иницијативата на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември. На покана на ЦИВИЛ, автори од различни области придонесуваат со свои размислувања за состојбата, предизвиците и одбраната на демократијата. Ставовите изнесени во текстот се лични ставови на авторот.


По повод Меѓународниот ден на демократијата, прочитајте ги и соопштенијата на ЦИВИЛ – Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија. и на DDGI и WA4U – Во одбрана на демократијата. Во солидарност со Украина.

Твојот глас.

Твојата слобода.

Нашата демократија.


Лагите и насилството се штитат со гушење на независните медиуми и граѓански организации.

Поддршка за ЦИВИЛ

Дајте го својот придонес СЕГА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ