Оливер Андонов
Демократија! Дали е тоа владеење на народот? Претставничко владеење во името на народот?
Можеби демократијата е слобода на говорот?
Или, тоа е да мислиш слободно?
Дали демократијата е да ти биде дозволено да ги имаш основните лични права?
Можеби тоа е правото на колективни, етнички, религиозни права?
А, знам, демократијата е да се има мера според мера. Ама, чија е мерата за демократија?
Веројатно е правото секому, освен на премиерот, да му напишеш секакви епитети и сочни пораки на социјалните мрежи?
Не, не, демократија е право на личен избор! Знам!
Тоа е право да не се вакцинирам против заразни болести. Тоа е и право, сопствените деца да не ги вакцинирам.
Сепак, тоа е право да го загрозам здравјето на другите затоа што одбивам да се вакцинирам.
Подобро, демократија е да го фрлам сметот низ прозорец, крај контејнер или в парк, на ливада, крај пат.
Не, ќе да е демократијата право да слушам гласно музика цела ноќ. Веројатно подобро звучи дека е демократски кафеаните да работат цела ноќ со музика до зори.
Демократија е дека домот е неповредлив.
Убаво и демократски е во мојот дом да правам што сакам, без разлика дали тоа му пречи некому или вознемирувам некого. Не ми е грижа за другите, ете тоа е демократија.
Демократски е на свој начин да ги решавам конфликтите во општеството – според препораката на премиерот.
Е да, се сетив! Демократија е кога премиерот ќе нѐ подучи дека насилството е решение.
Онака демократски да му ја бапнам некому, со полно демократско право.
Се прашувам дали можеби е демократија да не плаќам даноци. Што убаво, ќе ми останат пари, посебно доколку демократијата подразбира ништо да не плаќам, а сѐ да користам.
Кога ќе се сетам на времето пред 24 години, демократија е да можеме – народот да може, да ја земе судбината во свој раце. Или да имаме по еден вработен од семејство. Не е демократски да работат двајца од семејство.
Демократски ли е да се лаже поради лични лукративни цели? Тука сум во демократска дилема.
Мора да е многу демократски кога здравствениот систем е во колапс.
Сигурно е демократски кога имаме врсничко насилство.
Не, не, демократски е кога ги мразам другите, различните. Имам демократско право да се радувам на туѓата несреќа.
Некако демократијата на секојдневен македонски начин ми изгледа несоодветно.
Ќе мора да најдеме модел како да ја воскреснеме во нејзината чистина заснована на граѓанската, човечка самосвест, умереност, разумност, толеранција, почитување на утврдените норми на однесување, на законите, на уставните права и слободи, почитување на другиот, различниот, хуманизам и хуманост, не омраза и злоба.
Се надевам на некој различно формулиран и мотивиран „на 15-ти Септември“.
Дотогаш, не ми можете ништо, можам да си бидам демократ според моите сопствени мерки и пред сѐ потреби.
Да живее демократијата и нејзиниот ден.
Белким ќе се опаметиме и ќе ги примениме вредностите на демократијата.
Овој текст е дел од иницијативата на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември. На покана на ЦИВИЛ, автори од различни области придонесуваат со свои размислувања за состојбата, предизвиците и одбраната на демократијата. Ставовите изнесени во текстот се лични ставови на авторот.
По повод Меѓународниот ден на демократијата, прочитајте ги и соопштенијата на ЦИВИЛ – Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија. и на DDGI и WA4U – Во одбрана на демократијата. Во солидарност со Украина.
Твојот глас.
Твојата слобода.
Нашата демократија.
Лагите и насилството се штитат со гушење на независните медиуми и граѓански организации.
Дајте го својот придонес СЕГА.












