Во овој момент (10:30 часот), Специјализираните совети во Хаг го започнаа читањето на првостепената пресуда за поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, и поранешните команданти на ОВК – Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Судењето, кое траеше речиси три години со над 130 сослушани сведоци, ја достигнува својата завршница.
Обвинителството побара максимални 45 години затвор за секој од обвинетите, товарeјќи ги за „здружен злосторнички потфат“, убиства и прогон на цивили и политички опоненти. Одбраната бара целосно ослободување. Паралелно, Тачи се соочува и со одвоено обвинение за попречување на правдата и влијание врз сведоци, за што Обвинителството дополнително побара 6 години затвор.
Изворите на ЦИВИЛ МЕДИА во Приштина јавуваат дека атмосферата во Косово е исклучително напната, но мирна. Иако изминатиот викенд десетици илјади граѓани излегоа на масовен марш за поддршка на обвинетите, денеска нема извештаи за протести на улиците. Граѓаните го следат изрекувањето на пресудата преку преносите во живо. Безбедносните сили, вклучително Косовската полиција и мисиите на КФОР и ЕУЛЕКС, остануваат на готовност. Во Хаг, пак, холандската полиција ги засили безбедносните мерки околу зградата на судот.
ЦМ Деск












