Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе го посети Западен Балкан од 30 септември до 2 октомври, а Скопје ќе биде една од трите станици на нејзината турнеја, заедно со Тирана и Приштина, објави италијанската новинска агенција АНСА, повикувајќи се на Европската комисија. Во агендата се наоѓа и Подгорица.
Ова ќе биде шеста година по ред во која Фон дер Лајен реализира турнеја низ регионот. Предвидени се средби со шефови на држави и влади, како и посети на проекти финансирани од Европската унија.
Според портпаролката на Комисијата Паула Пињо, разговорите ќе се фокусираат на „следните чекори на патот на партнерите од регионот кон пристапување во ЕУ и на напредокот во постепената интеграција, поддржана преку Планот за раст за Западен Балкан“.
Посетите на Србија и Босна и Херцеговина засега се оставени за подоцнежен термин поради изборниот календар во двете земји. Во Босна и Херцеговина општите избори се закажани за 4 октомври, само два дена по завршувањето на турнејата на Фон дер Лајен. Во Србија, пак, на 25 октомври ќе се одржат предвремени парламентарни избори, распишани откако претседателот Александар Вучиќ на 9 септември го распушти парламентот.
Еден од клучните инструменти што ќе биде на маса за време на посетата е Планот за раст за Западен Балкан. Тој располага со шест милијарди евра за периодот 2024–2027 година, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди поволни заеми. Исплатите се поврзани со исполнување конкретни реформски обврски, а целта е земјите од регионот постепено да се интегрираат во единствениот европски пазар уште пред полноправното членство.
За Северна Македонија посетата доаѓа во период кога економскиот дел од Планот за раст веќе носи средства, додека политичкиот дел од пристапниот процес останува во застој. До јули годинава земјата има добиено вкупно 142,1 милион евра преку Инструментот за реформи и раст, по оценката на Европската комисија дека се исполнети дел од договорените реформски чекори.
Истовремено, за отворање на првиот преговарачки кластер останува условот за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година. Европската комисија и во својата последна оценка посочи дека Северна Македонија треба да ги спроведе овие измени и да продолжи со реформите во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.
Фон дер Лајен последен пат беше во Скопје во октомври 2025 година, кога порача дека токму уставната промена е следниот чекор пред отворањето на првиот кластер, додека Планот за раст треба паралелно да ја приближува земјата до Европската унија.
ЦМ Деск












