Војо Маневски
Овој опис на Балканот е познат одамна и не би било проблем ако тоа е географски поим. Но кога тоа е економска, политичка, а најмногу културолошка раскрсница, животот на народите на Балканот е како постојано да се во некој процес на промени, дооформување и вечна потрага по исправниот правец што продолжува од раскрсницата.
Пет дена поминав во соседна Србија која е веќе во изборна грозница. Ако народите овде во последните три децении воопшто и излегле од таа постојана кампања за освојување на власта.
Разни дебати се водат во Србија, околу уставноста на сегашниот потег на претседателот Вучиќ, кој го скрати својот мандат како претседател за да учествува во претстојните избори за парламент, како носител на листа. Историчарката Стојановиќ вели дека во Србија не е проблем уставот, туку неговото почитување. Непочитувањето е последица на чувството кај Србите дека било кој устав да се донесе тој е привремен и не ги исполнува очекувањата на Србите. Како постојано да се очекува некоја идеална српска држава која ќе ја оствари конечната цел – голема Србија во која ќе живеат сите срби а на другите великодушно ќе им отстапат место за живеење во таквата држава, ама да се знае чија е државата.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Она што може да го забележи, човек како мене кој долги години е во новинарскиот простор, е маргинализацијата и замрувањето на локалните медиуми. Кога прашувам за некоја локална телевизија одговорот е ист. Затворија пред пет, три години, сега од новата година. Некои телевизии уште постојат, но ни со најширокото разбирање на поимот тешко дека можат да се наречат медиуми.
Сите живееја од политичките партии кои се на власт. Колку да преживеат ама и да ја подржуваат партијата на власт. Оние телевизии што се обидуваа де прават некаков баланс, беа оставени да живеат од реклами и згаснаа – е одговорот на еден мој колега Месарош кој долги години водеше радија и регионални телевизии. Стапицата со подкастите како евтини медиуми кои се отворени за сите страни се претворија во дел од социјалните мрежи, а некои од нив во оној најнеодговорниот дел на мрежите.
Националните телевизии и сѐ уште постојните весници се на крајот на еден процес кој значи сеопшта хомогенизација со врвот на СНС и досегашниот претседател Вучиќ. Сѐ му е ставено на располагање, зашто после 14 години негова власт и самото поимање на политичкиот живот се смени во негова корист. За многумина од пензионерите тој дава пензии и тој е носител на српската гордост. Членовите на неговата партија добро знаат дека без него нема да се на власт а постои и опасност за процесирање на некои досегашни носители на власт. Симбиозата меѓу партијата, некои државни органи и организираниот криминал за многумина се евидентни.
Процесот на хомогенизацијата на Србите како нивен национален идеал денес ѐ во последната фаза. Веројатниот резултат од тој процес ќе биде на една страна хомогенизација околу идентитетот, а на друга страна длабока поделеност кога се работи за перспективите на државата Србија.
Младите веќе се само Срби и тоа е идентификација која преовладува. Некои од нив го прифаќаат тоа како нешто за кое не треба да се борат или да го докажуваат и бараат промени што ќе им отвори нови перспективи, без премногу колективни обланди. За маса на потомци од некогашните жители на републиките на СФРЈ и од Косово тој идентитет дека се Срби, пред сѐ, е преовладувачки и оптеретувачки.
Во автономната покраина Војводина која одамна ги загуби суштинските прерогативи на автономија, тој процес на хомогенизација е завршен. Денес нема Срби од Босна, Лика, Далмација, Хрватска или староседелци од Војводина пред 1918 година, сите се само Срби и се разликуваат по степенот на истакнување на националната припадност.
Замислете свадба на која над половина од песните се со патриотска или националистичка порака и името Србија е задолжителен звучен декор меѓу песните.
Процесот е при крај и кај најголемиот дел од членовите и симпатизерите преовладувачко разбирање на државата е: Таа се смета за сопственост на лицата кои се на власт (имаат формално најголем број на гласови) и секоја критичка изјава се смета за противдржавен акт па дури и против национална намера. Штом ја критикуваш СНС или не дај боже Вучиќ веднаш си усташа, балија и секако си некој кој ги мрази Србите. Ако не си со нас тогаш си против нас е можеби не сеопшта парола ама секако е многу присутна ваќе 30 години меѓу Србите. Сите кои ги доживеаја деведесеттите, кога ваков предизвик беше поставен пред сите, се сеќаваат како тоа заврши. Тенкови, камиони или трактори на запад па после на исток.
За надворешните следачи на процесите останува не докрај разјаснето зошто Вучиќ прифати избори и што добива со тоа. Тој од времето кога беше прв потпретседател на владата па премиер па претседател на државата има апсолутна власт. На кое место да се наоѓа во државниот апарат тој одлучува за сѐ.
Според некои аналитичари, потребата од избори е поради продолжување на владеењето на СНС, уште некое време, зошто иако војнички структурирана и составена од разни десничарски структури покажува сериозна нефункционалност кога се работи за водењето на државата. Партиските кадри знаат да водат кампањи со сите средства ама да водат држава некако тешко им оди.
Втората причина според аналитичарите е дека и на популизмот еден ден му доаѓа крајот. Сега се покажува дека за две третини од инфраструктурните проекти финансиската структура била направена уште пред тој да стане премиер. Во текот на овие дваесетина дена сепак и покрај огромната медиумска капа со која е заштитен почнуваат да се поставуваат и непријатни прашања на кои мора да се одговори.
Меѓународната поддршка за Вучиќ и неговата политика на стабилократија е несомнена сите овие 14 години. Дали нешто од таа страна се спрема и ја губи таа поддршка, засега не може да се согледа јасно.
Има една дилема кога се зборува за претстојните избори. Која од страните нема да ги признае резултатите, кои се условите за тоа и што по тоа. Овде има многу одговори, а тешко дека некој е без влегување во процес на турбулентни политички состојби.
Во секој случај многу од процесите и состојбите се слични како и кај нас.
Со популизам тешко се напредува вистински ако не се направат потребните реформи на економски, политички, а посебно во сферата на администрацијата и правосудството.
Со потпирање само врз градежништвото нема сигурен раст на среден или долг период. Без демократски правила и нивно почитување нема одржлив и резултатнтен политички систем. Без правна држава и правна сигурност нема перспектива за младите и тие својата иднина ќе ја бараат на друго место или ќе влезат во процес кој ќе значи демонтирање на популистичката власт по цена на дестабилизација на државата.
Можеме ли ние како соседи да научиме нешто од состојбите таму за да ги избегнеме негативните ефекти или ќе се однесуваме како дел од споени епрувети?
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
Војо Маневски е долгогодишен новинар, уредник и политички аналитичар, со богато искуство во следењето и анализата на политичките, економските и општествените процеси во земјата и регионот. Во своите текстови се осврнува на актуелните политички случувања, економските политики и трендови, функционирањето на институциите, демократските процеси и пошироките општествени предизвици.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












