Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од 13 октомври повеќе не е во куќен притвор, откако истече законскиот рок за траење на мерката во предметот „Државна лотарија“. Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето на неговата одбрана за враќање на пасошот, и покрај понудената гаранција во недвижен имот во вредност од 335.707 евра. Истовремено, на Груби му се определени дополнителни мерки за претпазливост, што значи дека престанувањето на куќниот притвор не го ослободува од сите ограничувања додека трае судската постапка.
Одлуката доаѓа во момент кога судењето за наводните злоупотреби во Државна лотарија е во доказна фаза, а во јавноста дополнително внимание предизвика и пожарот во службено возило што го користел заменик-директорот на институцијата, Ахмет Мифтари.
На Груби му остануваат одземена патната исправа и забраната за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница. Судот, на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, определи и обврска повремено да се јавува во судот, забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, како и забрана за приближување и контакти со определени лица.
Артан Груби е второобвинет во предметот „Државна лотарија“, заедно со поранешниот директор на институцијата Перпарим Бајрами и уште шест лица. Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и овластувањата во врска со организирањето електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали.
Според обвинителните наводи, дејствијата се однесуваат на периодот 2023–2024 година и на постапките поврзани со набавката на видеолотариски терминали и воспоставувањето деловни аранжмани за електронски игри на среќа.
По дополнително вештачење, Обвинителството го прецизирало износот на наводно причинетата штета на 596.125.511 денари, односно околу 9,7 милиони евра. Претходно се споменуваше износ од околу 8,2 милиони евра.
Судењето почна во август, а на рочиштето во септември Обвинителството презентираше обемна материјална документација, меѓу која и документи за владините одлуки, деловните аранжмани и финансиските трансакции поврзани со видеолотариските терминали. Според објавените информации, Обвинителството предложило 231 материјален доказ, вештачења и сослушување сведоци.
Груби се изјасни дека не се чувствува виновен.
Дополнително внимание привлече пожарот во службено возило на Државна лотарија што го користел заменик-генералниот директор Ахмет Мифтари. Според информациите во медиумите, случајот бил пријавен на 13 октомври во 02:12 часот, откако возилото од марката „Пекинг Бајц“ било зафатено од пламен на улицата „Крсте Асенов“ во Скопје.
Засега нема официјална потврда за причината за пожарот, ниту за евентуална поврзаност со судскиот предмет „Државна лотарија“.
Случајот „Државна лотарија“ има и поширока политичка димензија, со оглед на тоа што Груби беше прв вицепремиер и министер за политички систем во владата предводена од СДСМ и ДУИ. Тој се наоѓа и на листата на санкционирани лица на САД.
Неговото излегување од куќен притвор не значи дека случајот е завршен, ниту дека обвинението е ослабено или потврдено. Суштината на постапката останува утврдувањето дали имало злоупотреба на службената положба и дали со конкретните одлуки и постапки била предизвикана штета на Државна лотарија.
По 14 месеци бегство во Косово, Груби се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026 година. По само неколку часа во затворот во Шутка, повикувајќи се на загрозена лична безбедност, беше префрлен во куќен притвор, по предлог на обвинителството и одлука на судијата на претходна постапка, со вклученост на претставници на АНБ и МВР.
Илегувањето на Груби од куќен притвор беше проследено со пречек на десетици лица, со факели и огномет, во Чаир.
Б. Јордановска
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












