• Latest
Албанија, судири со полицијата, октомври 2026 (скриншот од видео на globalnews.ca)

Протести низ Европа: Како Кремљ ги користи општествените тензии за хибридно влијание во Европа?

October 20, 2026
Олександар Левченко

Дизел договорот на Трамп со Путин: Економски отстапки за Москва и стратешки ризици за Украина

October 20, 2026
Марко Маневски (фото извор: Марколепсија, блог на авторот)

Сини зони, рамна Земја и целиот свет против нас: кога митот станува државна политика

October 20, 2026

Додека ЕУ ги отвора вратите за нови членки, Северна Македонија останува заглавена

October 20, 2026
Фото: Фејсбук на министерот за правда Јетон Шасивари

Правосудниот испит на албански јазик – меѓу институционалното решение и улицата

October 20, 2026

Јавање на бранот: Анатомија на „дозволениот пребег“ и удбашката култура на владеење

October 19, 2026

Трето продолжување на кризната состојба со нафтата: Северна Македонија останува зависна од увозот

October 19, 2026
Италија, 16 октомври 2026

Од Париз и Тирана до Лисабон и Милано – протести, незадоволство и насилство на улиците

October 19, 2026
Кијив, 18-19 октомври 2026 (ДСНС)

Теророт на рускиот агресор продолжува: Ракети врз Кијив, дронови кон Лвив, а Путин би кроел „мир“ со Трамп и Си – за Украина без Украина

October 19, 2026

Изборна анализа на ЦИВИЛ: Брвеница го чека вториот круг – во трката останаа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

October 19, 2026
Општина Брвеница

Радически со предност пред Јахиј: Брвеница оди во втор круг за избор на градоначалник

October 19, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home БЕЗБЕДНОСТ И ОДБРАНА ХИБРИДНИ ОПЕРАЦИИ

Протести низ Европа: Како Кремљ ги користи општествените тензии за хибридно влијание во Европа?

October 20, 2026 07:45
in АНАЛИЗИ, ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ДЕМОКРАТИЈА, ДИСКУРС, ЕВРОПА, ТОП 5, ХИБРИДНИ ОПЕРАЦИИ
Албанија, судири со полицијата, октомври 2026 (скриншот од видео на globalnews.ca)

Албанија, судири со полицијата, октомври 2026 (скриншот од видео на globalnews.ca)

Share on FacebookShare on Twitter

ЦИВИЛ | Мониторинг на хибридни закани (CHTM)

Масовните протести во Албанија и Италија на 16 октомври отворија прашања што ги надминуваат националните политички кризи. Додека младите протестираат против корупцијата, економската несигурност и владините политики, се поставува и прашањето дали Русија може да ги искористи овие тензии за ширење дезинформации, продлабочување на политичките поделби и слабеење на довербата во европските институции. Засега нема потврдени докази дека Кремљ ги организирал или координирал протестите. Но, искуството со руските операции за влијание во Европа покажува дека автентичното граѓанско незадоволство може да биде искористено за геополитички цели.

Албанија: „Странски раце“ зад протестите или префрлање на политичката одговорност?

Во Тирана, студентските протести прераснаа во сериозна политичка криза за премиерот Еди Рама. Демонстрантите бараат негова оставка, подобри услови за образование, економска перспектива и одговорност за корупцијата.

На 16 октомври Рама обвини неименувани „странски раце“ дека ги поттикнуваат немирите со цел да ја дестабилизираат Албанија и да го попречат нејзиниот европски пат. Тој не посочи конкретна држава и не презентираше докази за странска координација на насилството, но таа изјава секако треба да се земе сериозно.

Останува легитимно прашањето дали странски актери навистина се обидуваат да влијаат врз протестите или обвинувањата за странско мешање се користат за делегитимирање на граѓанскиот отпор.

Но од друга страна, овие две можности не се исклучуваат меѓусебно. Напротив.

Легитимно и изворно протестно движење може истовремено да биде цел на надворешна информациска манипулација.

Со внимателно спроведена операција за влијание, едно такво движење може да се пренасочи или да се „надгради“ со пораки и акции што може да им послужат на центри на моќта кои немаат никаква врска со изворниот мотив за граѓански револт и протест.

Италија: Социјалното незадоволство и геополитичките поделби

Во Италија, студентските демонстрации против политиките на премиерката Џорџа Мелони имаат поинаква политичка динамика од оние во Франција и Албанија, иако незадоволството е насочено кон образованието, јавните трошоци, економската нееднаквост и владините приоритети.

Во италијанскиот случај, посебно прашање се покрена за односот меѓу инвестициите во образованието и зголемувањето на воените расходи. Се разбира, оваа дебата има легитимна демократска основа секаде во светот, па така и во Италија. Граѓаните имаат право да бараат поголеми јавни инвестиции во образованието и да ги оспоруваат владините одлуки за било која ставка од буџетот, па нека е тоа и одбранбениот.

Но истите теми се погодни и за информациски операции насочени кон поларизација на европските општества. Руските пропагандни наративи често ја претставуваат поддршката за Украина и европските одбранбени политики како директна закана за животниот стандард на граѓаните. Кога во италијанските протести се појави барањето за подобар квалитет на образованието, сите ќе се согласат со тоа. Но кога во комуникацијата ќе се појави атрактивен слоган што ги надминува и генерациските разлики и политичките раслојувања – „повеќе училници, помалку бомби“ – се создава простор што една добро организирана операција за влијание може да го искористи за постигнување на своите цели.

Тоа не значи дека италијанските студенти дејствуваат под руско влијание. Напротив, без конкретни докази за координација, финансирање или организирано информациско засилување, таквото тврдење би било неосновано. Но прашањето што заслужува истражување е дали проруски медиумски и дигитални мрежи ги користат протестните пораки за да ја зајакнат сопствената антизападна пропаганда.

Италија, 16 октомври 2026

Како функционира руското хибридно влијание?

Руското хибридно влијание не мора да подразбира директно организирање протести, испраќање агенти или финансирање политички движења. Напротив, тоа поретко се случува. За руските пропагандни операции доволно е постојните општествени конфликти да се искористат како материјал за информациска манипулација.

Во Четвртиот извештај за странско информациско манипулирање и мешање (FIMI), објавен во март 2026 година, Европската служба за надворешни работи (EEAS) предупредува дека Русија продолжува да ги користи информациските операции како составен дел од својата стратегија за хибридно дејствување.

Според извештајот, руските операции сè повеќе се насочуваат кон Европа, со цел да предизвикаат продлабочување на постојните поделби, поттикнување антисистемско расположение и поткопување на довербата во Европската Унија.

Европската агенција за сајбер безбедност (ENISA) во својот извештај за 2025 година идентификува повеќе мрежи поврзани со руско информациско влијание, меѓу кои Doppelgänger, Matryoshka, Storm-1516 и Portal Kombat за кои ЦИВИЛ, исто така, пишуваше опширно во текот на изминатите години. Една од многубројните анализи на руските операции за влијание е ПРОПАГАНДНАТА ВОЈНА И ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Најскапата операција во историјата на руските специјални служби, објавена на 29 февруари 2024 година во ЦИВИЛ МЕДИА. Наодите во тие анализи се актуелни денес.

Операциите што ги спроведуваат руските служби се служат со манипулирање со информации и искористување актуелни политички настани. Според овој модел на дејствување, автентичен протест може да биде претставен како доказ дека европската демократија пропаѓа, дека институциите се нелегитимни или дека европската интеграција носи нестабилност.

Целта не мора да биде создавање нова криза, туку продлабочување на постојната.

Западен Балкан: Посебно чувствителен простор за дезинформации

Албанија е особено значајна во овој контекст поради нејзиното членство во НАТО и амбицијата за приклучување кон Европската Унија. Дестабилизацијата на земја што напредува кон ЕУ потенцијално може да му користи на Кремљ кој вложува извонредни напори да го спречи понатамошното европско проширување, а воедно и да внесе раздор и несигурност во самата Унија.

Во секој случај, влијанието не мора да доаѓа исклучиво од странство. Извештајот на регионалната мрежа SEE Check за дезинформациите во Албанија во 2025 година покажува дека домашните политички актери, медиуми и влијателни личности имаат значајна улога во ширењето манипулативни содржини. Истовремено, документирани се проруски, анти-НАТО и антиевропски наративи во албанскиот информациски простор.

Хибридното влијание не функционира само преку странски центри на моќ. Домашните политички и медиумски структури можат, свесно или несвесно, да станат преносители на руските пропагандни пораки.

Кому му одговара нестабилноста?

Албанија и Италија имаат различни политички околности, но и заедничка геополитичка карактеристика: двете се членки на НАТО, а нивната политичка стабилност е важна за европската безбедност.

Во Албанија, продолжена политичка криза би можела да ја отежне европската интеграција. Во Италија, продлабочувањето на поделбите околу воените расходи, Украина и европската безбедносна политика би можело да ја ослабне политичката поддршка за заедничките европски позиции.

Таквите последици се во согласност со дел од стратешките интереси на Москва.

Како да се спротивставиме на дезинформациите без да го задушиме правото на протест?

Обвинувањата за странско мешање можат да бидат злоупотребени и од самите власти за дискредитирање на критичарите и политичките противници, што претставува сериозна опасност за демократијата. Доколку секој масовен протест се прогласува за резултат на странско влијание, едно од основните демократски права – правото на протест – станува предмет на сомневање, а граѓанскиот отпор кон злоупотребите на власта може да биде прогласен за безбедносна закана.

Истовремено, игнорирањето на документираните руски информациски операции би претставувало сериозно потценување на ризиците за демократијата, стабилноста и безбедноста на една земја. Одговорот на овие закани е комплексен и бара координирани институционални, општествени и меѓународни напори. Но, бирократите во Брисел мора да излезат од тесните рамки на своите административни процедури и да ја разберат вистинската природа на овие појави и процеси. Наместо да се потпираат претежно на формални механизми и бирократски модели на поддршка, европските институции мора суштински да инвестираат во демократските капацитети на општеството, да им обезбедат поддршка на независните медиуми и граѓанските организации што секојдневно и доследно ги бранат демократските вредности, паралелно со зајакнувањето на институционалната транспарентност и заштитата на граѓанските права и слободи.

Кога се разнишуваат темелите на демократијата и се кршат човековите права и слободи, антидемократските центри на моќта веќе остваруваат дел од своите цели – без оглед на тоа дали конкретна руска операција за влијание била успешна или не.

Тоа им оди во прилог на авторитарните режими и структури на моќ, без разлика дали нивните центри се во Москва, Пјонгјанг или на друго место.

Настаните во Албанија и Италија се истовремено потсетник и предупредување дека европската демократија се соочува со повеќеслојни предизвици. Општествата мора да се заштитат од хибридните напади, дезинформациите и операциите за странско влијание, но истовремено мора бескомпромисно да го зачуваат правото на граѓаните слободно да ја критикуваат и оспоруваат власта.

Зашто, демократијата не се брани со ограничување на демократските слободи. Напротив, токму нивната заштита е една од најсилните одбрани од авторитарното влијание.

Скопје, 18 октомври 2026

 


ЦИВИЛ МЕДИА


ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.

Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.

Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.

Tags: дезинформацииЕвропаЗападен БалканРусијахибридна војна
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ