Претставникот на Студентската листа, Немања Каровиќ, обвини дека власта во заминување во Србија се обидела да извлече околу една милијарда динари (8,5 милиони евра) од банката Поштанска штедионица, со што можела да ја загрози стабилноста на финансискиот систем и редовната исплата на платите и пензиите.
Како што пренесува белградско Време, ова се тврдења изнесени во гостувањето на Каровиќ во централниот дневник на Радио-телевизија Србија (РТС), во средата, 28 октомври.
„Постојат сериозни индиции дека е направен обид од Поштанска штедионица да се извлече огромна сума пари, околу една милијарда динари. Тоа можело да го загрози финансискиот систем, ликвидноста на банката и евентуално да предизвика нарушувања во редовната исплата на платите и пензиите“, изјави Каровиќ.
Според него, обидот бил навреме спречен благодарение на професионалното постапување на вработени во надлежните институции. Тој наведува дека за случајот се известени Народната банка на Србија и надлежното обвинителство.
Каровиќ порачува дека граѓаните немаат причина за загриженост, но предупредува и дека одредени механизми на моќта сè уште се во рацете на власта во заминување, која, според него, се обидува да ги злоупотреби за дестабилизација на државата.
Во истото гостување, претставникот на Студентската листа упати сериозни обвинувања и кон Телеком Србија, тврдејќи дека компанијата користела јавни средства за политички цели и финансирање медиуми блиски до досегашната власт.
Каровиќ тврди дека таблоидот Информер добивал меѓу 500.000 и 700.000 евра месечно, а дека значителни средства биле издвојувани и за телевизиски серии што никогаш не биле снимени. Студентското движење, според него, бара итно разрешување на генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ.
На прашањето за следните чекори, Каровиќ нагласува дека Студентското движење инсистира институционалните промени да се спроведуваат во законските рокови и според важечките процедури.
Љ. Костовски
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












