Извршниот одбор на Народната банка на Северна Македонија на 1 ноември донесе решение за воведување тримесечна администрација во Алта банка АД Битола, по одземањето на дозволата за работа на нејзиниот мнозински акционер, Алта банка АД Белград, од страна на Народната банка на Србија.
Според решението објавено во „Службен весник“ на 2 ноември, мерката е преземена поради околности што можат сериозно да ја загрозат солвентноста на банката.
За администратори се назначени Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, вработени во Народната банка. Тие ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Андовски е овластен да ги потпишува одлуките, а администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат состојбата и да достават извештај.
Што значат ограничувањата за граѓаните и компаниите?
За физичките лица е воведен лимит од најмногу 10.000 денари неделно по клиент за одливни трансакции во земјата, со исклучок на трансакциите меѓу сметки во самата Алта банка и плаќањата за обврски кон банката.
За правните лица се забрануваат одливните трансакции, освен наведените исклучоци. Одливните плаќања во странство се забранети, освен кога се дозволени согласно писмените упатства на Народната банка.
Забранети се и предвремените исплати на орочени депозити, исплатите врз основа на одобрени кредити, новите кредитни изложености и продолжувањето на постојните кредитни рокови.
Експозитурите на банката од 2 ноември се привремено затворени за работа со клиенти, до дополнително известување.
Посебен проблем се пензионерите кои не користат платежни картички. Гувернерот Трајко Славески најави организација за околу 3.500 такви корисници, со можност преку шалтер да подигнат до 20.000 денари за две недели. Спроведувањето на овој аранжман допрва треба да биде јасно потврдено.
Народната банка уверува дека банката е ликвидна
Во официјалните соопштенија, Народната банка нагласува дека администрацијата не значи одземање на дозволата за работа, ниту отворање стечајна постапка во Северна Македонија.
Регулаторот тврди дека банката е ликвидна, високо капитализирана и со солидно кредитно портфолио, а мерките се преземени поради ризиците што произлегуваат од состојбата на мнозинскиот акционер во Србија.
Целта, според Народната банка, е заштита на штедачите до разрешувањето на сопственичката состојба, односно промена на сопственоста.
Славески ги отфрла сомнежите за милионски трансфери
Гувернерот Славески ги отфрли тврдењата за милионски сомнителни трансфери преку битолската банка. Според податоците што ги изнесе во телевизиско гостување на 2 ноември, по парламентарните избори во Србија на 25 октомври, преку Алта банка Битола кон Србија биле префрлени околу 180.000 евра, а во обратна насока пристигнале околу 16.000 евра.
Славески тврди дека станува збор за редовни деловни плаќања. Овие податоци се однесуваат на трансакциите поврзани со битолската банка и не даваат одговор за евентуални трансфери преку други финансиски канали или кон трети земји.
Од ветувања за стабилност до ограничен пристап до парите
ЦИВИЛ МЕДИА во анализата од 31 октомври ги отвори прашањата за политичко-деловните врски на финансиската групација на Давор Мацура, нејзината експанзија во Северна Македонија и одговорноста на надлежните институции.
На 30 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата на Алта банка Белград поради сериозно влошување на финансиската состојба и ризиците за депонентите.
Само еден ден подоцна, на 31 октомври, битолската банка ја уверуваше јавноста дека работи стабилно и дека клиентите имаат непречен пристап до своите средства.
На 1 ноември беше воведена администрација, а пристапот до средствата беше ограничен.
Овој пресврт беше во фокусот и на коментарот на ЦИВИЛ МЕДИА од 2 ноември, во кој се поставуваат прашања за институционалната одговорност и навременоста на преземените мерки.
Во меѓувреме, СДСМ побара надзорна расправа во Собранието и одговори од гувернерот Славески за преземањето на поранешната Стопанска банка Битола, контролата на потеклото на капиталот и заштитата на штедачите.
Клучното прашање останува отвореано: Кога клиентите повторно ќе можат непречено да располагаат со своите пари, и кој ќе ја понесе одговорноста доколку се утврдат пропусти во институционалниот надзор?
Џ. Д.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












