Џабир Дерала
На 31 октомври, Алта банка Битола ја уверуваше јавноста дека е ликвидна, стабилна и дека клиентите можат слободно да располагаат со своите средства. Во официјалното соопштение, банката отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека не е изложена на политички притисоци и пресметки какви што, според неа, се случуваат во Србија.
Само еден ден подоцна, на 1 ноември, Народна банка, чиј шеф е гувернерот Трајко Славески, воведе привремена администрација во Алта банка Битола. За граѓаните беше определен неделен лимит од 10.000 денари за одлив преку банкарските картички.
Најблаго кажано, ова е драматичен пресврт. Од уверувања за непречено располагање со парите до ограничен пристап до сопствените средства на граѓаните – за само 24 часа!
Според Славески, до крајот на 31 октомври од банката биле повлечени околу два милиони евра преку готовински исплати и други трансфери. Истовремено, гувернерот тврди дека банката е ликвидна и високо капитализирана, а интервенцијата е превентивна, поради состојбата на нејзиниот доминантен акционер во Белград. Кој му верува, нека крене рака!
Всушност, еве само дел од прашањата:
Ако состојбата е толку стабилна, зошто беа потребни вакви рестриктивни мерки? И кога надлежните институции утврдија дека тие се неопходни?
Во нашата редакција подготвивме уште околу 20 прашања што ќе бидат испратени на неколку адреси. Дали и какви одговори ќе добиеме, ќе видиме.
Мислам дека нема потреба да потсетувам дека ЦИВИЛ МЕДИА, особено преку анализите на Љубомир Костовски, повеќе од една година ги истражува политичко-деловните врски на групацијата на Давор Мацура, нејзината супер успешна експанзија во Северна Македонија, неуспешниот обид во Црна Гора, како и односите во „круговите на доверба“ околу Александар Вучиќ.
Во анализата од 31 октомври и продолжението од 1 ноември, беа поставени прашања за политичката одговорност и заштитата од системот што ја уживаше бизнис групацијата на Мацура, за сомнителните прекугранични трансфери – Скопје и Москва – и институционалната одговорност.
Сега прашањата се уште понепријатни. А одговорите на некои од нив се познати, но никој не сака гласно да ги изговори.
Кој ја одобри експанзијата на Алта во Северна Македонија? Кои политички и деловни кругови ја поддржуваат? Што знаеле Владата и регулаторите за состојбата на српскиот акционер?
Премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески должат конкретни одговори. Се разбира, операцијата „Алта банка“ не е ограничена само на оваа власт. Треба, поточно – мора да се истражат сите играчи. Ако на новите српски структури на власта и/или меѓународните инстанции спроведат темелна истрага, тие одговори секако ќе ги добиеме – од преку граница.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












