• Latest

Кочани, корупција и бесмисленост: Начин на живот на територија што посакува да биде држава

November 1, 2026

Руската воена економија: Санкции, структурни пукнатини и цената на агресијата

November 1, 2026
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Револуционерен модел

November 1, 2026

Подготвеноста спасува животи: Практичен водич за кризни ситуации

November 1, 2026

Аферата Алта банка: Парите, политиката и мрежата на моќ од Белград до Скопје и пошироко

October 31, 2026

Кога ќе се совпаднат изборите во Брвеница и цената на студентскиот оброк

October 31, 2026

Последната граница – во спомен на сер Патрик Стјуарт

October 30, 2026
Амб. Лариса Дир

Украинската амбасадорка Лариса Дир за ЦИВИЛ МЕДИА: Рускиот агресор ги користи студот и темнината како оружје против Украинците

October 30, 2026

Севернокорејски хакери поврзани со рекордна кражба во вредност околу 6,36 милијарди долари од криптоберзата Binance

October 30, 2026
Илустрација ВИ

Власта во Србија меѓу рокот за конституирање и механизмите за одолговлекување на СНС

October 30, 2026

Напад со три поморски дрона во Црното Море: Потона брод, сите 18 морнари се спасени

October 29, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Кочани, корупција и бесмисленост: Начин на живот на територија што посакува да биде држава

Парадоксот на еден ист ден: Помеѓу туѓата надеж и нашата административна бесмисленост

November 1, 2026 07:45
in АНАЛИЗИ, ПОЛИТИКА, ПРАВДА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

Александар Иванов  

Неделава што изминува во македонската јавност беше обележана со искрена и спонтана радост за победата на прогресивните сили и граѓанскиот пркос во соседна Србија. И тоа е добро, дури и лековито за еден регион кој предолго живее во заробеништво на автократски рефлекси и партиски монополи. Човечки е да се радуваме кога кај соседите ќе видиме искра на општествена зрелост, солидарност и отпор кон системската неправда. Но, токму во таа еуфорија на туѓата граѓанска победа, македонската реалност ни приреди студен и суров отрезнувачки удар, потсетувајќи нè на длабочината на сопствениот институционално и морално „нуркање во тињата на плитките води“.

Во еден ист ден, во истиот информативен прозорец на македонското секојдневие, се судрија две вести кои во секое нормално, цивилизирано општество би предизвикале реакција од прашања, забелешки од уредници и коментари од правни експерти. Од една страна, триумфално беше објавено дека државниот апарат ќе ја тргне неизвесноста на армија хонорарци, претворајќи ја јавната администрација во инструмент за социјално поткупување и партиска клиентела. И внимавајте, ова ќе го направи селективно. Не во образованието, не во безбедноста. Значи селективно, брутално повредувајќи го правото на еднаков пристап на граѓаните, во случајот на правото на работа и уживање на права од работен однос.

Истовремено, речиси бирократски тивко и рутински, беше објавен обвинителниот акт против инспекторите на УЈП кои со своето коруптивно дејствување дојавувале за контролите во таканаречената дискотека ПУЛС, кои со чинење и нечинење, овозможиле да функционира импровизираната просторија на смртта во Кочани, местото каде што беа живи изгорени и задушени 63 лица, во најголем дел млади луѓе и деца. Ова е обвинение различно од оние претходно покренати за други службени лица.

Оваа гротескна симетрија, да во ист ден да се слави партиското вдомување во државната служба и да се чита за државните инспектори чие корумпирано однесување или замижување чинеше 63 детски и младински животи не е инцидент. Тоа не е ниту случајна коинциденција на дневната политика. Тука станува начин на живот на една територија која само декларативно посакува да функционира како држава, додека во својата суштина функционира како пазар на неказнивост, партиски феудализам и системска бесмисленост.

Територија што глуми држава: Анатомија на „произведениот ризик” и „организираната неодговорност”

Во политичката филозофија и теоријата на безбедноста, од Томас Хобс и Имануел Кант, па сè до Макс Вебер, границата помеѓу обична географска територија и вистинска држава е јасно повлечена. Државата не ја прават само знамето, грбот, границите и буџетската каса од која се делат плати за партиски кадри. Државата ја прави нејзината способност преку легитимна, рационална и непристрасна примена на правото да го гарантира основното човеково право, пред се правото на живот и лична безбедност. Како што произлегува и од парадигмата за човековата безбедност и концептот на „слобода од страв”, безбедноста е пред сè наука и практика за заштита на животот и слободата преку функционални институции.

Кога во претходната серија анализи „Од произведен ризик до оперативна команда” (2026) ја дијагностициравме кочанската трагедија од 2025 година, основната теза беше јасна и непобитна: Кочани не беше природна непогода, ниту судбинска несреќа. Кочани е парадигматичен учебнички пример за она што германскиот социолог Улрих Бек во „Ризично општество” (1992) го дефинира како „произведен ризик” (manufactured risk), придружен со феноменот на „организирана неодговорност” (organized irresponsibility).

Што значи „произведен ризик” во македонски контекст? Тоа значи дека ризикот не паѓа од небо, туку се произведува во канцелариите на институциите. Секој пат кога во јавната администрација се вработува по партиски клуч наместо по мерит-систем и стручност; секој пат кога инспекторскиот беџ се третира како средство за личен надомест наместо како штит на јавниот интерес; и секој пат кога надлежностите помеѓу локалните и централните органи се користат како алиби за префрлање на вината, државата активно произведува смртоносен ризик за сопствените граѓани.

Во Веберовата социологија на правото и управата, рационално-легалната бирократија почива врз знаење, хиерархиска одговорност и строга поделба меѓу службената должност и приватниот интерес. Кај нас, тој идеален тип е целосно деградиран во неопатримонијален модел: јавната служба е плен за „вдомување”, а контролните механизми се парализирани од корупција и клиентелизам.

Инспекцискиот потпис како пресуда: Кога превенцијата ќе стане пазарна тезга.

За да се разбере тежината на обвинителниот акт против инспекторите во случајот со Кочани, мора да се вратиме на основната архитектура на превенцијата во безбедносниот и правниот систем. Инспекцискиот надзор не е споредна бирократска формалност. Тој е првата и најважна линија на превентивната заштита на општеството. Законодавството што го уредува инспекцискиот надзор во Македонија – од Законот за инспекциски надзор до посебните закони за заштита и спасување, пазарна, градежна и трудова инспекција – недвосмислено ги утврдува овластувањата и обврските на инспекторите. Инспекторот е самостоен во вршењето на надзорот и е овластен, без претходна најава, да влезе во деловните простории во кое било време од денот или ноќта. Кога условите претставуваат непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, инспекторот е должен да изрече забрана за работа. Уште повеќе, законот изрично пропишува дека инспекторот е директно одговорен ако пропушти да изврши обврски или да преземе мерки кои по закон бил должен да ги преземе.

Инспекторот е правен гарант дека објектот што останува отворен за јавноста не е стапица на смртта.

Филозофијата и патологијата на процесното тактизирање: Зошто 63 жртви чекаа повеќе од една година?

Како човек кој целиот свој академски и професионален век длабински навлегувал во филозофијата на правото, во природата на материјалното и процесното право – пред сè кривичното право, криминалистиката и безбедносните науки не можам, а да не го поставам суштинското прашање кое денес тежи како олово врз совеста на секој праведник во оваа земја: Како е правно, криминалистички и логички возможно на Јавното обвинителство, во случај со 63 мртви тела, стотици преживеани сведоци и оштетени, јасни писмени траги во архивите на инспекторатите, јавно достапни податоци и целосни истражувачки документарни емисии, да му требаат повеќе од една година за да произлезе со обвинителен акт за инспекторите?!

Ова прашање станува уште поапсурдно и покритично ако се знае дека за истиот кривичноправен настан веќе се водат судски постапки против дел од директните актери. Во теоријата и практиката на кривичното процесно право, ваквата временска и предметна фрагментација на истрагата за еден единствен историски настан е класичен симптом на институционална дисфункција или процесно тактизирање.

Во оваа смисла, во интерес на објаснување на овие процесно – правни „инженерски тактизирања“ ќе наведам неколку аргументи зошто е нелогична истрагата која трае повеќе од една година:

1. Едноставност на доказниот материјал кај службените пропуштања: За разлика од сложените транснационални финансиски истраги со офшор-компании и крипто-трансакции, утврдувањето на одговорноста на инспекциските органи кај објект што физички постоел во центарот на Кочани се сведуваше на неколку елементарни криминалистички дејствија: одземање на книгите за надзор, годишните планови за контрола, записниците од извршени или неизвршени контроли и решенијата за работа. Тоа се документи кои се обезбедуваат за 48 часа по настанот, а се вештачат за неколку недели. Ова се однесува и на случајот на двата инспектори од Управата за јавни приходи, во врска со шти е коиментарот на овој текст.

2. Прекршување на стандардот за ефективна и брза истрага: Според воспоставената јуриспруденција на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур при толкувањето на процесниот аспект на Член 2 од Европската конвенција за човекови права (правото на живот), државата има позитивна обврска да спроведе итна, темелна и независна истрага особено кога постои сомнение за пропуст на државни органи. Секое неоправдано одолговлекување директно го руши квалитетот на доказите, создава простор за влијание врз сведоци и ја продлабочува секундарната виктимизација на семејствата на 63-те жртви.

3. Кривичната истрага како политички инженеринг и амортизер: Како што укажав и во анализата на системскиот одговор по Кочани во „Од произведен ризик до оперативна команда”, во македонската политичка култура кривичната постапка пречесто се користи како алиби за статус-кво и како временски вентил за ладење на јавниот револт. Во првите денови по трагедијата се апси спектакуларно пред камери за да се смири гневот на улицата, а потоа, кога истрагата треба да навлезе во институционалните лавиринти на инспекторатите, министерствата и партиските заштитници, процесот намерно се развлекува во бескрајни предистражни и истражни лавиринти, чекајќи колективната меморија да избледи.

Уште во 1764 година, таткото на модерното казнено право Чезаре Бекарија во своето капитално дело „За злосторствата и казните” запиша дека казната е толку поправедна и покорисна колку што е побрза и поблиска до стореното злосторство, затоа што само тогаш во свеста на граѓаните се вкоренува нераскинливата врска помеѓу вината и одговорноста. Старата римска правна максима Iustitia dilata, iustitia negata (Задоцнетата правда е одречена правда).,

Селективната брзина на правдата: Експресни пресуди за „малите”, институционална амнезија за „тешките”

Истовремено, лицемерието на македонскиот правосуден апарат најсурово се разоткрива низ неговата селективна ефикасност. Никој во Македонија не може да нè убеди дека обвинителството и судовите немаат капацитет за брзо постапување, затоа што сите сме сведоци дека за случаи кои се од интерес на јавноста, но немаат „политичка тежина”, односно не допираат до партиските мрежи, локалните шерифи, корумпираните инспекторати и бизнис-клиентелата правосудниот систем функционира со брзина на светлината.

Во таквите предмети, постапките се завршуваат за само неколку месеци: од поднесување кривична пријава, преку експресно обвинение и првостепена пресуда, па сè до правосилност и одлука на Врховниот суд.

Веројатно може веднаш да се најдат примери кога правосудниот систем во рок од неколку месеци испорачал потврдена пресуда во случај кога од една страна имаме оштетена „странка со политички легитимитет“, а од друга страна граѓанин без можноист да биде гласен, слушнат и нема соодветно знаење и правна заштита.

Оваа шизофрена двојност на правниот поредок создава кастински систем на правда. Кога обичен граѓанин без политички грб ќе го прекрши законот, врз него се срушува целата строгост и брзина на државниот монопол на принуда, како показна вежба за „функционирање на правната држава”. Но, кога во прашање се системски кривични дела на злоупотреба на службената положба, корупција во инспекцискиот надзор и институционално соучесништво во трагедии со десетици жртви, од модуларната болница во Тетово, преку автобуските трагедии во Ласкарци и Бугарија, па сè до дискотеката во Кочани, часовникот на обвинителството и судот одеднаш забавува, предметите се цепкаат, вештачењата доцнат со години, а одговорноста се разводнува до бесмисленост.

Веројатно врвот на ова лицемерие е ублажувањето на казнената политика на кривичните дела против службената должност од 2023 г., усвоени со гласање и премолчено одобрување (заеднички обезбедувајќи кворум).

Затоа, оваа колумна не може да заврши со стерилна академска препорака за „формирање работни групи” или „усогласување со европските директиви”. Кога во ист ден се манифестира правна сигурност за само едел дел од хонорарно вработените во јавниот сектор, а се задоцнува со правда за 63 мртви деца во Кочани.

Неопходен е јавен траг, во форма на пишан збор за да се забележат во историјата комбинаториките на оние што мислат дека со партиска книшка или функционерски печат станале господари на животот и смртта во Македонија.

Неписмени мои, и функционално, и правно, и за жал многу често морално празни, и шамшиони на рационализацијата на своето однесување, почитувани носители на јавни овластувања, ова ни се враќа по глава секој ден, на секоја улица, во секоја болница, во секое училиште и во секој ноќен клуб!

Сфатете еднаш засекогаш дека Законот не е „Ваш”!

Законот, како што учеше уште Аристотел во својата „Политика”, е „ум ослободен од страста” и е општествен договор и брана која го штити слабиот од самоволието на моќниот и која гарантира дека човечкиот живот вреди повеќе од митото во нечиј џеб, Рејбан наочарите или платеното патување на накоја егзотична дестинација.

Кога го приватизирате законот, кога го претворате инспекцискиот надзор во пазарна тезга, а обвинителството во калкулатор за политичка штета, вие ги сечете темелите на куќата во која живеат и вашите, и нашите деца.

Разберете ја таа елементарна животна и филозофска вистина: макар и да го постигнете сето она што алчно го посакувате на материјален план, макар да натрупате станови, тендери, хонорари и сигурни државни плати за три генерации, животот ви го одзема токму тој трул систем што самите го создавате и одржувате.

Во корумпирана држава нема ВИП-излез од пожарот, нема привилегиран воздух и нема селективен чад: кога системот ќе се распадне, тој ги голта сите без исклучок.

А на емотивен, духовен и цивилизациски план, штетата што ја правите е уште пострашна и понепоправлива. Создавате отровен, погубен пример за младите генерации, учејќи ги дека трудот, знаењето, честа и почитувањето на правилата се глупост на наивните, а дека партиската послушност и корупцијата се единствениот пат до успех.

Со секое задоцнето обвинение за трагедија како Кочани и со секое партиско вдомување на сметка на стручноста, вие ги бркате живите деца надвор од татковината, а оние што останале ги осудувате да живеат во страв и незаштитеност.

Затоа што држава во која 63 млади животи чекаат во ред зад партиските калкулации не е држава, тоа е само тажна географија која чека да ја научи најскапата лекција: дека без правда, одговорност и стравопочит кон човечкиот живот, ниту еден материјален плен нема вредност, ниту пак постои иднина за општеството.

 


Користени извори и референци

Иванов, А. (2026). Од произведен ризик до оперативна команда. Скопје. (Поглавје 2: Теориски пристапи: Улрих Бек, Макс Вебер и организациската логика на безбедноста; Поглавје 4: Романија и лекцијата од трагедијата „Colectiv”; Поглавје 6: Кочани 2025 и Гостивар 2026: Произведен ризик, институционален неуспех и криза на довербата).

Николовски, М., Мојаноски, Ц., Иванов, А., и Бабаноски, К. (2026). Безбедносен индекс на Република Северна Македонија 2025 – перцепции на граѓаните. Скопје: Факултет за безбедност – Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски” – Битола.

Иванов, А. (2026). Основи на безбедност и македонски безбедносен систем. Скопје: Факултет за безбедност – Скопје.

Beck, U. (1992). Risk Society: Towards a New Modernity. London: Sage Publications.

Beccaria, C. (1764). Dei delitti e delle pene (За злосторствата и казните).

Лабовиќ, М. (2006). Власта корумпира. Скопје: Де Гама.

Камбовски, В. (2005). Организиран криминал. Штип: 2-ри Август С.

Закон за инспекциски надзор и Закон за кривичната постапка на Република Северна Македонија, како и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) по Член 2 од Европската конвенција за човекови права (позитивна процесна обврска за ефективна и навремена истрага).

 


Проф. д-р Александар Иванов е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопјe, специјализиран за безбедност на животната средина, меѓународни односи и трансформација на безбедносната наука во оперативна реалност.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани. 


ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.

Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.

Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ