Оливер Андонов
Завршија изборите во Србија и тука нема што да се коментира. Бидна така како што се очекуваше. Тоа што треба да се анализира и коментира е новиот „револуционарен“ модел кој го гледаме како се одвива. Буквално пред формалното преземање на власта од страна на победничката студентска листа, граѓаните на Србија бараат правда, а обвинителството почна да работи.
Е, ова е сосема нов модел на револуција. Ова нема врска со „Шарената револуција“ во Македонија која беше употребена за донесување на власт на една политичка структура која се покажа многу понеспособна и покорумпирана, за да ја наследи уште полоша власт. Ова е сосема нов пристап на граѓанска основа, во која не се применува револуционерно насилство (иако некој намерно како такво сака да го прикаже), туку се применува мека сила за расчистување со аномалиите на режимот на Вучиќ. Тоа се прави на сите нивоа, од медиуми, преку високо образование, банки и финансии, па сѐ до безбедносните служби, а најпрво во Полицијата.
Но тоа што е интересно е како Вучиќ ги остави сами на себе да се снаоѓаат токму своите најголеми, најжолчни и најбезобразни бранители, пропагандисти, послушници и клиентелисти, за потоа да ги користи како пример на лошо поведение на власта која сѐ уште не е ефективна власт.
Едноставно, договорен за сопствената кожа им направи филм дека во иднина ЌЕ (уште еден со ЌЕ) се бори како прв опозиционер, а нив ги остави да бидат први на удар на граѓанскиот револт за да бидат корисни жртви, како што беа корисни идиоти. Зборува Вучиќ за самоорганизирана одбрана, затоа што државните органи не обезбедувале сигурност. Каква перверзија. Па владата е се уште негова, на СНС, министер за внатрешни е Дачиќ, а директорот на Полицијата е негов, како и началникот на Управата за криминалистичка Полиција. Неговите медиуми сѐ уште се под негова контрола, но упорно ја потпалуваат атмосферата. Се добива впечаток дека СНС власта на секој начин се обидува да ги испровоцира граѓаните и да дојде до насилство. За среќа, засега нема жртви и изразено насилство, освен онаа од провокаторите. Но главната цел несомнено е да се искористи времето за да се скријат доказите, особено оние поврзани со големи финансиски криминали. Тоа не е возможно, бидејќи трагот на парите секогаш може да се следи – доколку се сака. Така, уште веднаш се одзема лиценцата за работа на Алта банка, а тоа е добро укажување за работата на Алта банка во Македонија, доколку има кој да слушне. А Мицкоски „со доволна сериозност“, не сакаше збор да каже на прашање во интервју. Сега, доколку пукне ТАТ втор пат, што правиме? Ами доколку има корупција во инсталирањето на Алта банка во Македонија? А чии се парите во Алта банка во Македонија и каква е улогата на Орце Камчев, а каква на професор, доктор ем премиер Мицкоски? Ееее, многу прашања за професор, доктор ем премиер Мицкоски на кои сега не сака да одговори, но ќе мора да одговори исто како што ќе одговори и Вучиќ.
Во исто време, Вучиќ, промовирајќи се себеси за миротворец, додека се обидува да испровоцира немири и создаде страв кај српските граѓани – посебно оние навлечени на Информер и Пинк, дури и ја споредува Студентската листа со доаѓањето на власт на комунистите во 1945 година како пример за насилна револуција, а што треба да предизвика револт и реакција кај српските граѓани. Несомнено дека револтот на граѓаните во Србија во однос кон СНС и Вучиќ, не може потполно да се контролира, посебно не од страна на Студентската листа, а уште повеќе кога во таа маса има разни провокатори, а владата сѐ уште е во рацете на СНС. Реакцијата на Студентската листа во однос на „револуционерното“ однесување на граѓаните беше сосема на место, со јасен повик за смиреност и очекување на институционални процеси кон оние кои доколку до вчера токму од медиумите на СНС вршеа медиумски линч на луѓето. Дури и славското обраќање на Вучиќ е провокација која е уникатна за Србија и ја покажува длабоката општествена поделеност во Србија со која ќе мора да се справува новата власт. Колку побргу, толку подобро, како за нив, така и за регионот. Тоа што може да го споредиме со Македонија, тоа е рецептот за употребата на Православната Црква и верата како инструмент на политиката, како и кај касапот од Кремљ, а како проверен инструмент за заблудување на народот врз религиска основа.
Но воопшто не е важни што зборува Вучиќ, туку што во моментот презема српското обвинителство и институциите ослободени од притисок и што ќе преземе новиот победник и идна влада во Србија, која сега зависи од тоа колку лојалистите и клиентелата на Вучиќ (на прво место РИК и Брнабиќ) ќе развлекуваат со прегласувањето и уставните рокови. Не е за оправдување упадот во Информер, но да не заборавиме дека токму Вучичевиќ на Информер продолжува со интензивни провокации на граѓаните и пропаганда на лаги како што правеше и досега години наназад преку денунции врз луѓе, измислици и навреди. Затоа и мислам дека ова е план за денунција и деструкција на новата власт и пред воопшто да стане нова власт. Откако во ТВ Војводина си замина уредникот и телевизијата се извини, додека на РТС главниот уредник си замина под притисокот од вработените, може да се очекува сосема друга медиумска слика во Србија со што ние баш и не можеме да се пофалиме. Токму поентата е во тенденциозното и пристрасно известување што е спротивно на законите, медиумскиот кодекс и етички прекршоци посебно во однос на кршењето на основните човекови права за што се молчело. Во исто време и академската јавност бара одговорност од своите колеги кои не го поддржаа студентското движење и вршеа притисок врз студентите, посебно на универзитетите во Ниш и Нови Сад.
Потполно е разбирливо тоа што се случува, бидејќи се работи за чувства. Пред сѐ, за чувство на ослободување од притисок кој го имаа во текот на власта на Вучиќ.
Но токму и Вучиќ игра на чувства и пропагандна активност која е исклучително силна со намера уште пред официјално да се преземе власта од страна на Студентската листа, да се создаде негативна слика за новата власт во Србија.
Ете, тоа е околу ситуацијата во Србија и допрва по формирањето на новата влада, граѓаните ќе бараат брзи реформи и расчистување со власта на СНС и Вучиќ. Ќе видиме каде и како ќе заврши тој болен процес кој само што започнува во Србија. Засега се размрда обвинителството и тоа изгледа успешно бидејќи се извадија предметите кои беа во фиоки.
Сега по изборите, и професор, доктор ем премиер Мицкоски се пофали дека ги знаел резултатите од изборите во Србија и Бугарија и дека не го изненадиле изборите (ами него ништо не може да го изненади, нели е како Тито), но како полека да се дистанцира од „сестринската партија“ – СНС (ами во манирот на односите со Сталин, само да видиме кога и дали смее да го каже големото НЕ на сатрапот од Кремљ). Но сепак дека е подготвен да даде помош на секоја сестринска партија. Е, ќе биде интересно, се гледа од авион. Бидејќи професор, доктор ем премиер Мицкоски зборува со ист наратив како и Вучиќ. Па дури и се однесува арогантно од позиција на власт, која замислете создала нов, сопствен систем, во кој нема никаде корупција. При оваа изјава, професор, доктор ем премиер Мицкоски дури и бара ДОКАЗ од новинар за корупција, а за законот за потекло на имот тврди дека постои, и уште како по цели три години смело и храбро ќе донел нов Кривичен закон во кој ќе го врател членот 353 како доказ за борба против корупцијата. Згора на сѐ, професор, доктор Мицкоски од позиција на премиер јавно по скоро три години власт ни кажува дека државата се наоѓа на НУЛА, демек претходно била во минус. Во исто време самиот професор, доктор ем премиер Мицкоски рече и остана жив дека немаме уредена целина во државата, односно дека немаме уредена држава. Ами сега, во минус сме или на нула сме – позитивна де? Да не сме во трагична состојба, ќе беше смешно. Како што е смешно и невистинито тврдењето дека бандата од СДС во 2023 година самата ги изгласа измените на Кривичниот закон за кој кворум им направија „нашите“ од ВМРО-ДПМНЕ, за да застарат до 2027 година (односно за три години) сите предмети против заедничките им функционери кои беа обвинети за корупција. Доколку тоа не го направеа здружено во 2023 во врска со членот 353, денес пола влада на Мицкоски ќе беше в затвор. Но да сакаше професор, доктор ем премиер, Мицкоски навистина да води борба против организираниот криминал и корупцијата ќе поднесеше пред Уставен суд барање за поништување на измените на Кривичниот закон во однос на членот 353 од 2023 година и негово укинување – тогаш резултатот ќе му беше ист, само што пола сегашна влада ќе беше в затвор на вистински. Сега, бидејќи граѓаните на Македонија се со кратко паметење, професор, доктор ем премиер Мицкоски може слободно да им раскажува сказни по урнекот на Вучиќ – за оние бившите. Наративот кој го применува професор, доктор ем премиер Мицкоски ни го најавува и тоа дека држи линија со студентите е истиот кој и Вучиќ го држеше со студентите, посебно со оние „што сакаа да учат“, па ги беше паркирал в парк под шатори да учат на чист воздух. Ете и Јаневска си најде „добри“ студенти кои сакаат да се сликаат. Во меѓувреме, со студентите – оние вистинските, очигледно линијата се прекина. Оваа паралела ми поставува една дилема: „Да нема намера Мицкоски за нешто да ги употреби студентите во некој миг за негова политичка цел, штом ги држи на линија“? Посебно кога студентите добиваат дневно 140 денари – доволно пари за запалка и цигари. Но покрај цигарите, со запалката може и многу други работи да се потпалат.
Затоа пак, Мисајловски гаси пожари во Министерството за одбрана, барем тој така мисли. А јас повторно ќе кажам дека не гаси, туку потпалува и тоа на долг рок. Оние пак професионални војници – дваесетина, кои со разни ветувања и притисоци беа натерани да потпишат противзаконски „договори“ и да дадат „изјава“ исто така спротивна на закон. А за тоа некој ќе носи одговорност – законска, а тогаш нема да помогнат јавните изјави по разни настани како: „Благодарение на професор, доктор ем премиер Мицкоски благодарни сме што сме живи и што дишеме“!
Во меѓувреме, медиумите, посебно оние мејнстрим со национална фреквенција на чело со МТВ платени со пари од буџет – наши пари, темелно му се додворуваат на професор, доктор ем премиер Мицкоски. Дури и кога некои новинари ќе се обидат да му постават вистинско прашање ризикуваат да бидат санкционирани (за што неодамна имавме пример), а Мицкоски пак во стилот на Вучиќ уште и ќе ги искара дека му одземаат некое право – стекнато од избори.
Сепак, ги повикувам новинарите (не нивните газди и надредени во медиумите), да го зачуваат своето достоинство и углед и да не се плашат да поставуваат вистински прашања, затоа и се новинари. Колку да не биде после дека некој пак ќе се извинува по примерот на РТС – Радио Телевизија Војводина, како што еднаш веќе се извинуваше во 2017. Тоа се нарекува спасувај се кој може или менувај газда додека е време. Мнозина имаат искуство со тоа и се надеваат дека повторно ќе може да се трансферираат, но на мислење сум дека таа карта за трансфер веќе е потрошена – само будала, два пати се удира од исти камен, а македонските граѓани се трпеливи и кротки, но не се будали.
И сега ние бараме сличности и разлики во Србија кај Студентската листа. Ами да се потрудиме да најдеме сличности на професор, доктор ем премиер Мицкоски со Вучиќ – нели се сестрички, партиски де.
Поентата на оваа колумна е да направиме паралела со состојбите во Македонија, во однос на траумата и сметката која ќе мора да се плати. Траумата ја има целото општество, некои додека се малтретирани од власта и онеправдани, а некој, припадниците на власта кога ќе треба да им се сведе сметката. Тоа е општествена траума која може многу лесно да биде избегната но исклучиво зависи од власта и нејзиното однесување.
Што јасно може да видиме во контекст на паралелата со Србија? Дека власта во заминување многу лесно ги остава сами да се снаоѓаат своите нај големи поддржувачи, соочени со гневот на народот. Дека клиентелизмот и лојализмот кон поединци во власта на највисоки државни функции не се исплати може да потврдат мнозина. Треба да се биде лојален кон државата – татковината, кон уставот и законите. Така како во Србија ќе завршат и сите клиентелисти на Мицкоски, а не лојалните кон татковината Македонија. Полтроните и клиентелистите не се лојални дури ниту кон идеолошката основа на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што се лојални исклучиво на шефот – според принципот на мафија.
Паралелата на Македонија со Србија во однос на некои коментари дека ние нашата „Шарена револуција“ ја поминавме пред 10 години, е само слаба утеха за професор, доктор ем премиер Мицкоски и неговата клиентела. Ние – Македонија, ја поминавме „Шарената револуција“ како окупирана од една политичка структура позната како СДС (која патем е должна да се извини на македонските граѓани за своите злодела), која го злоупотреби револтот на граѓаните за сопствени политички цели. Структура возоглавена од ликот Зоран Заев, сегашен партнер на Мицкоски. Лик кој ги излажа сите во меѓународната заедница а најповеќе граѓаните на Македонија и за кого професор, доктор ем премиер Мицкоски тврди дека во 2020 година украл пари од буџетот, ама, види чудо, не можело да биде затворен. Оттука, доколку сакаме да направиме паралела со Србија, СДС во однос на Мицкоски (вклучително и Заев и Филипче) се како Ѓилас и Тепиќ во односот кон Вучиќ, а видовте како завршија.
Дури и споредба на Македонија од 2016 и потоа, со настаните и политичките промени во Србија 2026, не може да има, едноставно е несоодветна и погрешна, и таквите анализи се само празно зборување или самозалажување за професор, доктор ем премиер Мицкоски и лажење на македонските граѓани.
Но, основниот проблем за пропаст на едно општество е полтронството, клиентелизмот и лојализмот кон политикантски ликови, мотивирани од личен интерес до степен на доброволно откажување од Уставот и законите на државата и влегување во ропство под група криминалци кои се на позиција на власт. Кај нас тоа полтронство е дојдено до степен каде дури и Архиереите на МПЦ-ОА се подлизурковци на власта и се натпреваруваат во тоа кој повеќе ќе му се додвори на Мицкоски, а тој пак јадниот ужива во тоа. Но тоа е сигурен пат за гибел, без разлика што во своите додворувања некој се повикува на Бога и се претставува како голем патриот.
Ете тоа е паралелата помеѓу Македонија и Србија која треба да си ја направат не македонските граѓани, бидејќи ние одамна не сме јужна српска провинција – Бановина (барем се надевам за мнозинството од македонската нација), туку токму додворувачите, клиентелистите, полтроните и лојалистите, но и медиумите. Затоа што анализата треба да оди во насока на новиот „револуционерен модел“. Драги мои сограѓани, размислувајте за овој модел, важно е.
А вие драги мои сограѓани од Православна вероисповест, покрај размислувањето за моделот, немојте да заборавите да го научите Символот на верата по ново – или „Вјерују по Агатангелу“. Така уште подобро ќе го разберете новиот револуционерен модел, а што е најважно ќе имате шанса со разум и активност да се ослободите од наталожените трауми и фрустрации.
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
НАПОМЕНА НА РЕДАКЦИЈАТА: Овој текст е авторски став. Изнесените мислења, оценки и заклучоци се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА или официјалните позиции на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Авторските ставови се објавуваат во согласност со принципите на слободата на изразување и редакциските стандарди за професионално и одговорно новинарство.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












