Тврдењата дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да нареди нуклеарен удар врз Иран, под притисок на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предизвикаа долги дискусии на социјалните мрежи низ целиот свет. Но во проверените јавни извори нема независна потврда дека таква одлука е донесена или дека се подготвува непосреден нуклеарен напад.
Главниот извор на најновиот бран тврдења е американскиот коментатор Такер Карлсон. Во објава на Икс, вечерта на 1 ноември по американско време, тој наведе дека администрацијата можеби е само неколку дена од нуклеарен удар врз комплексот Пикакс Маунтин, во близина на иранската нуклеарна постројка Натанз.
The Jerusalem Post објави дека Карлсон, повикувајќи се на неименуван „информиран набљудувач“, тврди дека Нетанјаху секојдневно го притиска Трамп. Тој го поврза наводниот притисок со политичкиот опстанок на израелскиот премиер и спомена можна одлука до 7 ноември. Не понуди јавно проверливи докази за овие наводи.
Карлсон тврдеше и дека конвенционалните бомби не можат да го уништат длабоко закопаниот комплекс, поради што нуклеарниот удар бил единствената воена опција. Ниту ова тврдење не е точно. Тешкотијата да се уништи одредена цел сама по себе не докажува дека нуклеарно оружје е неопходно или единствено решение, а не значи ниту дека неговата употреба се разгледува.
Објавата ја пренесоа повеќе медиуми и влијателни профили. Според Jewish Insider, Кристијана Аманпур ја сподели со предупредувачки коментар, а меѓу другите што ја пренеле биле Рајан Грим и Џорџ Конвеј. Axios објави дека Нетанјаху барал обновени напади по меѓуизборите, додека Трамп сакал дополнително време за преговори. Сепак, разговорите меѓу Трамп и Нетанјаху не значат дека постои притисок за употреба на нуклеарно оружје.
Забуна создава и споменувањето на МОАБ, позната како „мајката на сите бомби“ (Mother of All Bombs). Станува збор за моќна конвенционална бомба, а не за атомско оружје. Во интервју за Newsmax на 15 октомври, Трамп ја спореди со мала нуклеарна бомба, но нагласи дека не е нуклеарна.
„Не би употребил нуклеарно оружје. Нема потреба“, изјави тој, според ABC News.
МОАБ не треба да се меша ниту со МОП, односно ГБУ-57, конвенционална бомба наменета за длабоко закопани и заштитени цели. Различните ознаки и драматичните описи не ја менуваат природата на оружјето.
Претставник на Белата куќа за The War Zone изјави дека Карлсон нема увид во военото планирање. Насловот на написот во специјалираниот онлајн медиум гласи „ Нуклеарен напад врз Иран? Звучи апсурдно, бидејќи и е. Дајте да разговараме.“ Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, исто така го отфрли тврдењето за нуклеарна опција.
Џ. Д.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












