И покрај постојните закони и механизми за заштита, насилството врз жените и девојките останува сериозен општествен проблем, а институционалната неодговорност дополнително ја продлабочува состојбата, предупредува активистката Јана Коцевска во интервју за „Интеркултура“ на ИМА.
„Буквално е станато како норма, нормализирано е до крајност, и тоа што го гледам како суштински проблем е неодговорноста на институциите“, вели Коцевска во разговорот со Роберт Алаѓозовски, објавен од ИМА.
Таа предупредува дека, паралелно со растот на свеста за родовата еднаквост, зајакнува и патријархалниот отпор. Според Коцевска, постојните закони, политики и механизми не се спроведуваат доследно и не обезбедуваат реална заштита за жените, девојките и маргинализираните групи.
Во разговорот се отвораат и прашањата за економската зависност на жените, нивното суштинско учество во политиката, сексуалното образование и влијанието на конзервативните и националистичките наративи.
Коцевска ја нагласува и важноста на граѓанскиот сектор и младите во борбата за родова еднаквост и општествени промени.












