Лидерот на ВМРО-ДМНЕ, Никола Груевски, пратеничката Даниела Рангелова и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, денеска се појавија во Основен суд Скопје 1, во својство на обвинети за предметот „Шамари во Општина Центар“. Но, рочиштето повторно беше одложено поради неоправдано отсуство на обвинетите, Димче Крстев и Милан Андоновски. Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, побара за следното судење, Крстев да биде донесен со полициска асистенција, зашто пред судот не го оправдал отсуството.
Судијката Татјана Михајлова околу половина час ги легитимираше присутните, обвинетите, сведоците и оштетените, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и останати вработени од Општината.
Михајлова на крајот на рочиштето на обвинителеката Фетаи ѝдаде три поднесоци од Апелациониот суд, со кои појаснува, зошто на минатото рочиште не бил предметот во судот. Според Фетаи, ова е само обид на судијката за оправдување поради пролонгирањето на постапката.
„Судењето се одложи поради неисполнување на законските одредби. Како што рече судијката, ако даде Господ, следното ќе се одржи. Господ сигурно нема да помогне, ако судот не ги исполни законските одредби. Конкретно, ние побаравме стражарно приведување на еден обвинет, а дали судот ќе прифати, ќе видиме“, изјави Фетаи по излегувањето од Судот.
На рочиштето дојде и Саша Богдановиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар.
„Скандалозното кршење на просториите на Општина Центар и нарачаните шлаканици за градоначалникот Андреј Жерновски, од тогашниот премиер Никола Груевски, се случија во 2013 година. ‘Бомбата’ во која Груевски бара шлаканици и протести пред Општината Центар ја објавив јас, во 2015 година, а ја слушна целата македонска јавност и пошироко. Еве, сега, по четири години од срамниот скандал, му се суди на Груевски за извршеното демолирање и насилство во Општината“, рече Богдановиќ.