Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, смета дека изборите кои се одржаа на 15 октомври беа кристално чисти, фер и слободни, со изолирани инциденти, што го потврдија и меѓународните институции.
„Поразениот има право да се лути, јас тоа го разбирам. Не видов никаква сериозност во изјавите што тој ги даде. Навистина не можам ниту логично, ниту рационално да заклучам кои се доказите, кои се причините или што, всушност, се случувало во Македонија. Јас сум рационален човек, сакам секогаш да разговарам, спремен сум да прифатам корективи, да се коригирам и јас и политичката партија и коалициските партнери со кои сме, но буквално во Македонија блеска слободно изразената волја и апсолутно нема дилеми за тоа“, рече Заев при посетата во Кавадарци.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат и велат дека ова се први избори во кои беше убиен директен учесник во изборниот процес. На еден кандидат за градоначалник му беше скршен черепот, а секојдневно пристигнуваат сведочења за закани со оружје, заплашувања и за поткуп.
„Лагите на Заев нема да го покријат фактот дека се одржаа најкриминалните избори досега. ДИК беше ставена под целосна партиска контрола, а нејзините членови, кои не ги слушаа наредбите на Заев, беа заплашувани со пријави и со обвиненија од СЈО. Ваквите криминални дејства еден ден ќе се истражат, документираат и за нив ќе има одговорност“, стои во соопштението.
Додека ВМРО-ДПМНЕ победуваше на избори, тие беа „скандинавски“ спроведени без никаква забелешка, сега, кога ги загубија изборите речиси во цела држава, за челниците на партијата тие се најкриминалните избори досега. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ овие избори беа „кристално чисти“, со изолирани инциденти. Можеби убиството, тепачките, запалените автомобили, куќи…, не се поврзани директно со изборниот процес, но се случија во време на кампања. Дали политичките опонети треба да си ги сменат „очилата“ со кои ги гледаат изборите и дури тогаш можеби ќе имаат кристално јасна слика како се одвива изборниот процес.
Дехран Муратов