ЦИВИЛ – Центар за слобода со загриженост ги следи наводите во јавноста за индикациите дека претседателот Ѓорге Иванов може да посегне по инструментот аболиција на дел од обвинетите што учествуваа во крвавите настани што се случија на 27 април во Собранието.
Во очекување на официјален одговор од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, во кој се обрати за потврда или демант на овие наводи, ЦИВИЛ – Центар за слобода соопштува дека евентуалните планови за аболиција на обвинетите за нападот врз Собранието се противзаконски и целосно неприфатливи. ЦИВИЛ го предупредува Иванов и да не помислува на аболиција, што би претставувало крајна злоупотреба на функцијата Претседател на Република Македонија.
Ваквата постапка на Иванов би била уште една груба и дрска провокација за јавноста и тежок удар врз темелите на демократијата и владеењето на правото. Тоа е слична ситуација како срамната аболиција на осомничените функционери во истрагите на СЈО на што остро реагираше демократската јавност во Република Македонија и беше директен повод за почеток на Шарената Револуција.
Во случај наводите за можна аболиција на обвинетите да се вистинити, ЦИВИЛ ќе ги повтори барањата за оставка на Иванов од функцијата Претседател.