Платно, четка за цртање, усна хармоника, бела брада, секогаш со пола цигарче во уста, големо срце и чувство за хумор… тоа е Шуки. Ова е прва реченица што ја напишав после три часа, пиши-бриши.
Ведар лик, секогаш расположен да расположи некого. Во негово присуство никој не можеше да биде озбилен. За Шуки може да се зборува многу, но ќе напишам само една анегдота.
По целодневно акање низ градовите и одржување на концерт и ликовна изложба на „Freedom caravan“ на ЦИВИЛ во Тетово, некаде после полноќ се враќавме за Скопје. Чест беше да се најде празно место во возилото со кое се возеше и Шуки. Нормално до Скопје вилицата не болеше од смеење од анегдотите, вицовите и досетките на Шуки.
Кога влеговме во Скопје во комбето се разви сериозен муабет, и некаде пред хотел Карпош мораше да се симне колешката Марија и додека излегуваше од комбето Шуки сериозно викна по нејзе да застане да и каже нешто. Неколку секунди сите бевме во исчекување што ќе и каже, само и рече BE FREE! Комбето ечеше од смеа…
Be free голем човеку. Оваа реченица ми остана истетовирана во мојата свест и секогаш ќе ме потсетува дека човек мора да живее слободно.
Почивај во мир…