Министерството за култура се оградува од тврдењата на Движењето Беса за наводна етничка дискриминација на оглас за прием на двајца државни службеници во секторите за издавачка дејност и за културно наследство и оценува дека се неточни и неосновани.
Во соопштение ресорното Министерство наведува дека огласот се подготвува според постапка спроведена во согласност со Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавен сектор, односно членот 5 кој ја опишува методологијата за планирање нови вработувања и член 20 а став 2 и 6, како и член 20 б став 6.
„Пред подготвување на Годишниот план за вработување, во Министерството за информатичко општество и администрација има алатка наречена балансер, во која се внесуваат податоци за бројот на вработените по правична застапеност и самиот балансер врз основа на внесените податоци за нови вработувања го пресметува процентот. Овие податоци потоа се доставуваат и до Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Исто така, во Агенцијата за администрација има посебно Упатство како да се достави барање за оглас за вработување, каде што мора да се наведе од која национална припадност се врши вработувањето“, соопштува Министерството за култура и укажува дека тие закони и постапки се донесени за време на претходната власт.
За жал, додава, сегашното законско решение и методологија ги форматира потребите за вработувања на начин кој го истакнува принципот на правична етничка застапеност и во самиот оглас. Министерството за култура ги поддржува заложбите на реформа на легислативата која ќе биде во функција на остварување на уставните принципи на еднаквост на сите граѓани на Република Македонија.
Во секторите за издавачка дејност и за културно наследство, укажува Министерството, е постигната соодветна правична застапеност на албанската заедница.
„Токму новата Влада и раководство на Министерството за култура ја прекинаа долгогодишната пракса на запоставување на културните потреби на оваа, а и на другите немнозински заедници“, посочува Министерството за култура.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.