Со едукативни материјали ќе се обучуваат возачите на камиони кои учествуваат во меѓународниот сообраќај како да се заштитат од нелегалното уфрлање на мигранти и бегалци од страна на трговците со луѓе.
Од Стопанската комора на Македонија информираат дека сите учесници во меѓународниот сообраќај ќе добијат флаер (леток) на којшто се објаснети и визуелно се претставени измамите кои ги прават трговците со луѓе злоупотребувајќи ги мигрантите и бегалците. На него има и препораки како да делуваат возачите за да се заштитат од оваа појава.
Постери со идентична содржина ќе бидат поставени и на граничните премини.
Флаерите и постерите ќе бидат напишани на македонски, англиски и албански јазик.
Акцијата ја спроведуваат Националниот координативен центар за гранично управување при Владата на Република Македонија заедно со Стопанската комора на Македонија.
извор: МИА