Република Македонија под водство на СДСМ забрзано оди кон банкрот. Министерството за финансии вчера се задолжи за над 16 милиони евра, тоа е второ задолжување во текот на месец мај, откако минатата недела власта позајми 9 милиони евра. Неоснованото задолжување, допринесе јавниот долг да надмине 5 милијарди евра, додека државниот 4 милијарди, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека само во првите три месеци од годината ново генерираниот долг изнесува над 300 милиони евра, а при тоа нема ниту една капитална инвестиција, а економијата тоне.
„Градежништвото, еден од носечките столбови на економијата е во пад. Бројот на издадени градежни дозволи е за 45% помал, а истовремено нивото на реализирани капитални инвестиции во првиот квартал од 2018 година е само 7.4%, ова е јасен показател дека економијата тоне. Економските услови се сè полоши, покачувањето на акцизата на нафтените деривати е дестимулативно за економијата, исто како и најавеното покачување на данокот на доход“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата истакнуваат дека власта не знае да ја води државата, и дека Република Македонија, со СДСМ на чело, само може да стагнира.
„Додека картелот неконтролирано се задолжува, сиромаштијата се повеќе се зголемува. Платите наместо да растат се намалуваат, во месец февруари просечната плата падна за 867 денари, нема покачување на социјалната помош, нема покачување на пензиите, нема покачување на платите. Граѓаните се излажани и изманипулирани. Оваа неодговорно однесување мора да запре. Државата и граѓаните заслужуваат подобро“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата што остави пустош во секое поле, и најмалку е повикана да зборува за состојбата во државата. Владата предводена од СДСМ иако наследи разнишан систем, со домаќинско и одговорно работење успева да ја стабилизира економијата и да ја врати довербата на граѓаните во институциите.
„Клучните ветувања за почетокот на мандатот се реализирани. За само 11 месеци, Владата предводена од СДСМ направи повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 11 години. ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја приватизира државата и со расипничко и криминално владеење да им наштети на граѓаните. Новата Влада преку домаќинско и транспарентно работење покажува како се работи во корист на граѓаните кои ги чувствуваат придобивките од спроведените мерки коишто овозможуваат економски раст и повисок животен стандард“, додаваат од СДСМ.
Од партијата потенцираат дека успешните економски политики овозможија државата да добива најниски економски стапки во историјата.
Д.М.