„Она што е многу важно, особено од страна на политичарите и од страна на политичките партии, е многу одговорна и многу посветена работа за иднината на Македонија. Значи, право на комоција повеќе нема никој! Многу долго време, многу политички партии и многу политичари си дозволија комотно да се однесуваат во услови кога ние ја немавме додефинирано државноста“, изјави Соња Мираковска од НСДСП на конференцијата Македонски перспективики: Како до Европа? во организација на ЦИВИЛ и МЦМС.
„Се согласувам со професорката Колозова, да, овој договор е исклучително значаен и сметам дека тука ние завршуваме со нашата државност, решавајќи ги проблемите и она што сме денес, што веќе беше неколку пати спомнато како земја. Земја од регионот којашто веќе ги нема тие големи проблеми. Но тој процес не е завршен. Тој процес сега не можеме да го чекаме да заврши за да почнеме да ги решаваме другите проблеми. Затоа што следи референдум, па отворање на Уставот што само по себе е долг процес, кој треба да се заврши во одреден рок, се разбира ако референдумот биде успешен, ако граѓаните се изразат и дадат пас на овој договор да остане во живот и да продолжиме понатаму. Значи тоа е процес кој сериозно треба да се одработи. Но, во исто време, за жал, за жал на многумина, затоа што многу време е изгубено, ние не можеме чекор по чекор да ги работиме работите, мора да се отворат сите фронтови. Значи да се завршат реформите, да се подобри администрацијата, видно да се направи спремна за да може да ги отвори процедурите и да ги води процесите кон приближување кон Европската Унија.
Ние се вративме многу назад. Сега треба и да се вратиме на патот кој е изгубен во последната деценија и да продолжиме со силни чекори понатаму. Но, за овие десет години покрај нарушен правен систем, добивме и апатични граѓани кои немаа иднина, кои не знаеја каде да се движат. Еден голем дел од нив си заминаа, затоа што нема време, животот е многу краток и ако немаат услови во оваа земја ќе ги побараат некаде на друго место.
Мора пред сè политичките партии да го сменат односот кон своите граѓани. Она што им го ветуваат да стане стварност. Општество за сите и правда за сите. Ниту една политичка партија повеќе не смее граѓаните да ги претставува како луѓе-бројки кои треба да ги качува во автобус и да ги вози наоколу и да им дава бајраци во раце за да мавтаат во нивно име. Европски граѓанин е достоинствен граѓанин. Тоа пред сè мора да го градат политичките партии. Тие го вратија, го доведоа граѓанинот во состојбата во која се наоѓа денеска. Мора да се работи апсолутно на сите полиња. Ние нема да ја донесеме Европа тука, ние исто така треба да додадеме вредности. Значи, прво мора да си го изградиме своето општество. Значи, нема да влеземе во Европа за тие да ни направат солидно општество. Ние тоа општество треба да го изградиме за сите и да бидеме додадена вредност на Европа“, рече Мираковска во својот говор.
Конференцијата е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска