„Сакам да живеам во убава и мирна Македонија. Ја сакам ваква каква што è, богата не сум ама имам леб, а порано кога бев мала немав леб“, вели една битолчанка на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – во каква Македонија сакате да живеете.
Битолчанки и битолчани се децидни дека сакаат да живеат во демократска Македонија каде што граѓан(к)ите ќе имаат поубав живот.
„Сакам да живеам во држава каде што ќе има пензии и да има домови за сите, каде што ќе се води грижа и за сиромашните, а не само за богатите. Премиерот Заев треба да го исполни тоа што го вети“, вели една граѓанка.
„Сакам да живеам во Република Македонија, а не во Северна. Ние сме Македонци а не Грци, Срби, Албанци…“, додава еден битолчанец.
„Во обединета Македонија сакам да живеам, да биде цела од Солун до Београд, од Софија до Тирана и до Александрија. Таа е поделена само политички со некои државни граници, меѓутоа етнички е до Пакистан кај Хунзите. Таква сакам да ја видам Македонија, да нема поделба на религиозна основа…“, додава друг граѓанин.
Еден граѓанин вели дека Македонија е убава ваква каква што е и дека нема да смени ништо, истакнувајќи дека Битола е репер како треба да изгледа Македонија. „Во последен период има голем одлив на млади од Битола, но сепак е добро“, додава тој.
Анкетата е дел од проектот „Акција – Интеграција“ којшто ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија, посветен на промоција на европските и зелените вредности, демократските вредности и антинационализмот.
Новинарка: Биљана Јордановска
Камера и обработка на текст: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети