Синоќа во 19:50 часот полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово на улица „Тодор Циповски- Мерџан“ во Тетово го лишиле од слобода Жарко Гроздановски , лицето коешто преку видео објава на својата фејсбук страница им се закани по живот на премиерот на Република Северна Македонија и други лидери на политички партии.Гроздановски бил задржан во Полициската станица Тетово, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Гроздановски се претставува како лидер на организацијата Христијанско братство, една од организациите блиска до радикалните групации што протестираа против Преспанскиот договор и Законот за јазици, а дел од нив се и членови на партиите од десниот политички блок што ги водеа протестите кои кулминираа со нападот врз Собранието на 27 април 2017 година. Нивни „почесни гости“ на протестите беа Јанко Бачев, Стевче Јакимовски и повеќето други познати и помалку познати радикали. По неколку месечен молк, Христијанско братство се појави преку својот гласноговорник Гроздановски.
ЦИВИЛ – Центар за слобода остро ги осуди говорот на омраза и заканите по животот на премиерот Зоран Заев и другите политички лидери што во своја видео порака ги објави лице што се претставува како лидер на организацијата Христијанско братство, Жарко Гроздановски.