ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Инспирација за мојов денешен текст се неодамнешните трагикомични и недолични случувања на релација адвокати-судии-обвинители во врска со пуштањето од притвор и повторното изрекување нова мерка притвор на поранешниот директор на УБК. Добив чувство дека и едните и другите и третите како да живееле, учеле и како да работат секој во свој сопствен систем на правда. Наместо сите заедно да го унапредуваат тие неодговорно и ,,крвнички” го доразградуваат и онака неефикасниот и неправичен правосуден систем во нашата држава. Судиите и обвинителите по којзнае кој пат ја покажаа својата недоследност и подложност на надворешни и внатрешни влијанија, а додека адвокатите се чини дека сериозно „забегаа во бранењето“ на нивниот клиент (посебно во делот на оправдувањето на потеклото на милионски дадената гаранција).
Добив впечаток дека овие последниве свесно влегле во медиумската улога која им ја наметнува вака деформираниот правосуден систем, меѓу другото и како последица на „големата“ стручност на обвинителот кој застапува друго обвинение против бившиот директор на УБК. По се изгледа дека за адвокатите најважно е правилото ,,доколку те нема на ТВ, не си битен и познат адвокат” или „она што не е кажано на ТВ камерите, исто како да не е кажано“, а соодветно на тоа се подразбира и помалку клиенти.
Оваа адвокатско-судско-обвинителска папазјанија ме наведе да напишам еден пост на мојата ФБ страница преку кој јавно прашав дали еден дел од адвокатите (се разбира и судиите и обвинителите) во Р. Македонија се адвокати или соработници на криминалците? Прашањето предизвика лавини реакции кај граѓанството по однос на посочените во постот, посебно кон адвокатите во однос на нивната етика и професионализам. Пишувањево на оваа тема е резултат на моите досегашни опсервации и критики кон начинот на кој функционира нашето (криво)судството и обвинителството, при што секако свој придонес за состојбата во која се наоѓаме има и адвокатската професија, таква каква што е. А таа таква како што е, за никаде е. Што би рекле повозрасните „какво грнче, такво и капаче“.
Во секое општество, адвокатската професија има посебна и значајна улога. Совесното вршење на оваа професија е од клучна важност за почитување и примена на начелото на владеење на правото и за функционирање на правосудниот систем во било која држава во светот. Адвокатот мора да им служи на интересите на правдата, да се залага за унапредување на човековите слободи и права, максимално да се бори за заштита на правата на своите клиенти како и да помага во соодветното правично функционирање на правосудниот систем.
Со цел да ги извршат овие должности, адвокатите постојано мора да постапуваат слободно и совесно, во согласност со уставот, законот и со општоприфатените стандарди и етички правила за адвокатската професија. Се работи за слободна и независна професија заснована на начелата на правната односно адвокатската етика (т.н. професионална одговорност). Се работи за група на стандарди по однос на очекуваното ниво на однесување на еден адвокат кон своите колеги, клиентите како и кон судиите, обвинителите и јавноста Во рамките на различните правни традиции, етичките стандарди со кои се регулира адвокатската професија се кодифицирани во кодекси на однесување, прописи, упатства, процесни правила и други законски и подзаконски акти. Без разлика на различните правни традиции и судски системи слободно може да се набројат неколку основни начела применливи за адвокатското работење насекаде низ светот, како на пример: независност, чесност, интегритет, лојалност, доверливост, правичен третман, трудољубивост, искреност, стручност и др.
Во неможност подетално да се осврнам на овие начела (поради правилата за должината на текстот) сакам со Вас да споделам една вистинска приказна за тоа како треба да се извршува адвокатската професија. Во далечната 1894 година братот на Алфред Драјфус (француски артилериски офицер од еврејско потекло, обвинет за предавство и шпионажа во познатата афера ,,Драјфус“) го замолил адвокатот Едгар Деманж да ја преземе улогата на бранител на неговиот брат. Деманж му поставил еден чуден услов, односно барање. Адвокатот сакал најпрвин да го разгледа целиот случај со сите расположливи докази пред да одлучи дали ќе го застапува или не. Тој го предупредил братот на Драјфус со зборовите: „Доколку мојата совест не ми дозволува да го бранам вашиот брат… веднаш ќе ве известам и ќе може да разговараме за тоа. Јас ќе бидам првиот судија на вашиот брат.“ Оваа вистинска приказна кажува сѐ. Адвокатите се должни интересите на своите клиенти да ги стават на прво место, но притоа мора доследно да го почитуваат уставот, законите како и Кодексот на професионална етика на адвокатите.
Но, да се навратам на поводот за ова пишување, а тоа е однесувањето на адвокатите (за судиите и обвинителите во друга прилика) во конкретниот случај опишан на почетокот на текстов како и мојот ФБ пост. Јас го разбирам адвокатското ревносно застапување на интересите на клиентот меѓутоа и таа ревносност мора да биде со „усул“ и под контрола, сѐ со цел да се спречи евентуалното попречување на правичното раздавање на правдата. А нивната групна прес конференција одржана на почетокот на оваа недела очигледно го имаше за цел ова второво. Затоа повторно го поставувам прашањето дали е етички да се брани нешто што воопшто не се брани односно дали треба да се дојде до конфликт помеѓу должноста на адвокатот да го почитува правичното раздавање на правдата и неговата обврска да ги брани интересите на клиентот? Дали е потребно адвокатите јавно да глумат лудило и да ја убедуваат јавноста и судот дека црното е бело и обратно? Срамно и недозволиво е да не гледаат во очи и да не убедуваат за нешто што евидентно е нечесно дека е чесно и за кое и тие самите до вчера ја потенцирале таа нечесност и сторено зло.
Сакам да ја потсетам стручната и пошироката јавност дека адвокатската професија се состои од правни и морални обврски не само во корист на клиентот, туку и во поглед на правната професија и јавноста. Обврската за искреност и чесност на адвокатот кон судот и јавноста се одразува во адвокатската обврска за воздржување од презентирање факти и информации за кои адвокатот знае или морал да знае дека се невистинити и неточни. Недозволиво е адвокатите да изведуваат или презентираат лажни докази и да се обидуваат судот да го доведат до заблуда преку злоупотреба на фактичката и правната состојба во конкретниот предмет.
Почитувањето на судот не значи дека адвокатот треба да биде сервилен кон судот и да се откаже од ревносното бранење на својот клиент. Токму спротивното, адвокатот „треба да истапува енергично и без страв“, во границите на уставот, законите и Кодексот за професионална етика на адвокатите на адвокатите, адвокатските стручни соработници адвокатските приправници на АКРМ (Кодекс на АКРМ). Посебно сакам да напоменат дека Кодексот на АКРМ го идентификува можниот конфликт помеѓу должноста на адвокатот да го почитува правичното раздавање на правдата и неговата обврска да ги брани интересите на клиентот. Затоа во овој случај како и во многу други досега случаи има работа за дисциплинскиот суд на Адвокатската комора во нашата држава.
Смислата дека некој погрешил и за тоа треба да одговара е повеќе од јасна и неминовна, но во еден ваков деформиран правосуден систем не е мал бројот на случаи кога имаме и недолжно и неправично осомничени или обвинети лица кои мора по секоја цена да бидат осудени? Треба ли да дозволиме несовесни, недоволно едуцирани јавни обвинители да го спроведат она кое го наумиле во своите глави по разни основи и мотиви? Ова само по себе ја наметнува обврска на адвокатската професија од петни жили да го брани клиентот (недолжна, невина жртва), а надлежните државните органи соодветно да го санкционираат ваквиот обвинител. Свесно деформираниот правосуден систем како и самоволието на обвинителите раѓа многу неправди и ја фрла правдата на буништето Доколку ваквата „правда“ стаса на целта, тоа би била поголема неправда наместо правда, поголемо зло од стореното зло. Затоа ни е потребен брз, ефикасен и правичен правосуден систем.
Овој текст воопшто не треба да биде сфатен како критика на работата на сите адвокати обвинители и судии, туку како критика на дел од нив кои јавно и бесрамно ги погазуваат основните етички и професионални начела. Оние останатите треба сериозно да ја бранат и практикуваат својата автономност, но истовремено да постапуваат со целосна заложба, посветеност, непристрасност и чесност во извршувањето на професионалните обврски за кој дебело се платени од овој наш напатен народ.