Стевчо Јакимовски одржа конференција за печат на која се пофали дека му ја честитал победата на својот противкандидат Стефан Богоев. Тој се пожали дека во 2013 година, кога го победил кандидатот на СДСМ, не само што не му ја честитале победата, туку се заканувале на неговите синови, му оставале венец со свеќа, пробале да му го отрујат кучето.
Тоа го кажа политичарот на залез, кој само пред неколку дена истури лавина од говор на омраза и вулгарности врз својот противкандидат, изборниот победник за општина Карпош, младиот Стефан Богоев.
Како и да е, Јакимовски, на денешната прес конференција обвини: „Вчера пратија криминалци од подземјето, кои извадија нож и пробаа да нападнат активисти на ГРОМ. Нашите активисти беа смирени и сталожени и, за среќа, се избегна поголем инцидент. Тука имаше пред сè, голем број на госпоѓи и госпоѓици, кои се вознемирија премногу“.
Тој го повика Јавното обвинителство да го отвори овој случај. Не кажа ништо за сопствениот настап од пред некој ден.