Колку не се внимава како информациите протекуваат во јавноста, како новинарството се сведе на целосно пренесување на партиски соопштенија, без да се проверат и со тоа да се постигне некаков баланс, беа прашања што се отворија на панел дискусијата „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“.
„Имаше соопштение од опозициската партија дека Министерот за надворешни работи не се обратил на македонски јазик на приемот на шпанскиот МНР. Истите тие медиуми што беа на прес-конференцијата, слушнале дека министерот зборува на македонски јазик, ја пренесоа изјавата на ВМРО дека министерот треба да се извини затоа што не се обратил на македонски јазик. Исто како некој да ти каже дека врне дожд и треба да веруваш, наместо да отвориш прозорец и да провериш“, изјави новинарот на ЦИВИЛ Медиа, Дехран Муратов, на панелот во организација на ЦИВИЛ по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.
Новинарката и главна уредничка на Градска.мк, Соња Таневска, се надоврза дека новинарите го постигнуваат балансот со пренесување на соопштенија, така како што се пратени, од една партија, па од друга и со тоа си ја завршиле работата.
„Никој не преработува соопштенија. Тие треба да ни служат како информација што да прашаш, каква тема да направиш. Некако медиумите се сведоа само на објавување на соопштенија, макар и неточни“, вели Таневска.
Б. Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети