Министерството за здравство почнува со нова системска мерка за развој на вонболничка, односно домашна постоперативна грижа, информира денеска на прес-конференција државниот секретар во Министерството Владимир Милошев.
Новата „мерка“ предвидува назначување на здравствени работници, кои телефонски ќе контактираат со пациентите еднаш дневно во првите три дена од отпуштањето од болницата, а потоа еднаш во неделата сè до закажаната прва контрола во болничката установа.
„Во овој период пациентот ќе може да се јави за секоја промена на неговата здравствена состојба на определената медицинска сестра за добивање медицински совет на телефоните, кои ќе бидат јавно достапни на веб страната на Министерството за здравство“, рече Милошев.
Со оваа мерка се опфатени сите јавни здравствени установи каде што се вршат хируршки интервенции, а според Министерството за здравство оперираните пациенти се тие кои ќе имаат најголема корист.
Повторно, наместо реални решенија за подобрување на очајната состојба во здравството, здравствените работници се сведуваат на администратори и телефонски оператори, додека болниците кубурат со персонал, медицински материјали и термини за пациентите.
Денеска астматичарите го прославуваат светскиот ден на борбата против астмата со недостиг на лекови, а министерот Филипче и натаму како да нема јасна претстава за приоритетите и начинот на кој треба да се изведат вистинските реформи во здравството!
Маја Ивановска