Национализмот е последниот крик на глупоста и секогаш немоќните или тие што сакаат да владеат на поинаков начин сакаат да се затскријат зад национализмот. За жал фудбалските натпревари тука кај нас во Баканот многу умешно се користат за да се наметне национализам, омраза, нетрпение, вели проф. д-р Иван Анастасовски на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Неславен ден за спортот: Насилство и говор на омраза во Скопје“, откако се случи насилство на улиците на Скопје, поврзани со натпреварот меѓу домашниот фудбалски клуб „Шкупи“ и бугарскиот „Левски“ во Скопје.
„Натпреварот мораше да биде многу посериозно сфатен од нашата држава. Ние сме во процес на уставни измени каде работите се зовриени. Чувствата се подигнати на највисоко ниво кај секој од нас, а имате натпревар со фудбалски клуб од држава која во моментот нас како Македонци не нè признава, како Македонија, условно речено политчки нè напаѓа и сака да нè маргинализира. За жал, политичко-општествениот аспект на вчерашниот натпревар му го одзеде спротскиот дух, му го одзеде натпреварувачкиот карактер, му одзеде сè, а му даде само политичка конотација и националистичка реторика“, изјави проф. д-р Иван Анастасовски.
Тој додава дека УЕФА предупреди дека натпреварот е од висок ризик не поради спортскиот аспект туку поради општествено-политички аспект.
„По бројноста на публиката не може да се окарактеризира како високо ризичен натпревар, но поради тајмингот во кое се одигрува и другите општесвнено политички текови што ги имаме во државата, требаше нашата држава да биде подобро организирана“, додава тој.
Анастасовски вели дека ваквите натпревари се добар момент за тие структури кои го подгреваат и држат во живот национализмот, особено во Балканот.
„Самите изјави на бугарските навивачи беа диригирани и усмерувани дека ќе се случи нешто и отворено даваа изјави пред камерите на нашите медиуми дека оваа држава не е македонска, дека ова е бугарска држава итн, што според мене заслужува да се отвори истрага, бидејќи тоа се шовинистички изјави“, потенцира Анастасовски.
Професорот додава дека поддржувачите на Левски не беа хулигани, туку тоа беа инстуирани групи.
Тој потенцира дека спортот и политиката не одат заедно, меѓутоа кај нас спортот сам и се предал на политиката и таа го контролира и менаџира.
Д. М.