По речиси четири години во опозиција, на предвремените парламентарни избори во Грција, кои се одржаа на 7 јули, победи десноцентристичката Нова демократија и повторно ја презема власта. Алесис Ципрас еден од заслужните од грчка страна за конечно ставање крај на спорот за името со Северна Македонија, го призна поразот од својот ривал и сегашен премиер, Киријакос Мицотакис.
Но, останува отворено прашањето како оваа промена на власт во Грција ќе влијае на нашите доборососедски односи, зацврснати со Преспанскиот договор и на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија.
На оваа тема зборувавме и со граѓанките и граѓаните на Скопје и Велес.
Поголемиот дел од нив не веруваат дека победата на Мицотакис и новата Влада во Грција можат да влијаат на Преспанскиот договор. Според нив, Договорот не може да биде раскинат, а дел од анкетираните сметаат дека тоа е можно само со договор на двете земји.
„Сепак се работи за држава која е сериозна и е членка на ЕУ и не би смеело да си дозволи да направи таква грешка, да не почитува меѓународен договор“, вели еден граѓанин на Скопје.
Некои од граѓан(к)ите сметаат дека, сепак, процесот со Договорот може да се промени, заедно со промената на Ципрас. „Ќе се смени политиката на Преспанскиот договор. Донесен е од Ципрас и Заев, а сега се Заев и Мицотакис, така што сигурно ќе се смени нешто“, смета друг граѓанин.
Маја Ивнаовска
Биљана Јордановска и Ангела Петровска (анкети)
Камера: Дехран Муратов и Ангела Петровска
Монтажа: Биљана Јордановска и Ариан Мехмети