Кристина Арнаудова, музичарка и хуманитарка, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека сите сме исти, дека воспитувањето доаѓа од дома, и дека најважно од сè, е да се биде добар човек.
„Бидејќи сум растена во мултиетничко семејство, дедо ми беше Турчин, баба ми е Влаинка и живеевме во место, во Неготино, каде што бевме единствените. Мислам дека дедо ми беше единствениот Турчин, во тој период, иако мислам бевме многу почитувано семејство, отсекогаш сме биле… Тој беше судија, баба ми беше професорка, секогаш бев свесна за тоа дека не гледаат на поинаков начин. Но, од аспект на тоа како ние дома комунициравме, како сум воспитана, апсолутно не е важно што си… Ме воспитаа да бидам добар човек! Човекот се дели само на добар и на лош.
Дома не се зборуваше за религија, не се зборуваше дека сме различни. Мене ми беше тоа сосема нормално, сé додека не излегов на улица, и погледнав дека всушност тоа не е толку нормално во нашето општество. Моето воспитување во такво семејство го сметам за благослов, затоа што мислам дека тоа е голем дел од она што сум јас денес. А тоа е дека јас најпрво сум човек и само на тој начин ги делам луѓето. Би сакала да можеа повеќете луѓе да бидат воспитувани на тој начин, бидејќи верувајте дека тоа е навистина едно поинакво нешто. Значи те прави да престанеш да гледаш со предрасуди, те прави да престанеш да ги гледаш луѓето Албанец, Турчин, Влав, знаеш па одма тука аха оние се такви, овие се такви, значи во комуникацијата го немаш тоа. Нашето општество, ако сакаме да го направиме, може да биде богатство од општество“, истакна Арнаудова.
Биљана Јордановска
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографија: Ариан Мехмети