Граѓанската иницијатива „Арсена“ организира потпишување на Петиција за намалување на цената на водата од градскиот водоводен систем во Гевгелија. Од „Арсена“ бараат граѓаните на Гевгелија да плаќаат цена од 5 денари за потрошен кубик, цена предвидена за техничка вода, поради неисправноста на водата.
Причината за петицијата, како што информираат од „Арсена“, е игнорирањето од локалните власти и од Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија, на проблемот со високата концентрација на арсен во градскиот водоводен систем и забраната за употреба на водата, изречена од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во изминатите три дена членовите на иницијативата добиле поддршка од 215 жители на Општина Гевгелија.
„Општинските власти и Советот на Општина Гевгелија досега не обезбедија мерки за снабдување на граѓаните со чиста вода за пиење. Членовите на Советот на Општина Гевгелија веќе четири пати во изминатите три години, ја добиле Иницијативата за намалување на цената на водата на ниво на техничка вода, но никако да смогнат сили истата да ја постават на дневен ред“, обвинуваат од „Арсена“.
Од иницијативата бараат ваквата цена за техничка вода, граѓаните на Гевгелија да ја плаќаат сé додека не им се обезбеди чиста, здрава и безбедна вода за пиење.