Перо Арсовски, еден од најдобрите македонски актери, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ вели дека се чувствувал како некој вид реткост, галениче, сакан и кога живеел во друга етно средина.
„Имам поминато шеснаесет години во сега веќе друга држава. Но тоа сепак беше еден друг јазичен, културен и етнички простор. Но можам да кажам дека на тој период се сеќавам како на можеби најубавиот период од мојот живот. Јас сум формиран како личност во тој град во Србија каде што беше татко ми на служба, но во ниеден момент не сум почувствувал дека некој сака да ми наметне своја волја, свое мислење. Дури и во таа една средина се чувствував како некој вид ред реткост, галениче. Често знаеја да ме замолат да кажам нешто на мојот мајчин јазик, да отпеам некоја македонска песна, да им покажам некои носии од мајка ми, да им раскажам некоја приказна што ми ја раскажувал дедо ми. Така што мислам дека тие вредности се всадени во мене лично и не гледам никаква друга солуција како да се живее посреќно, како да се живее похармонично. Тоа е единствениот начин да можеш да гледаш среќни луѓе околу себе, да можеш да соработуваш со нив, да разговараш, да се дружат вашите деца и да планирате некоја подобра и посветла вистина и заедништво“, истакна Арсовски.