Деновиве на социјалните мрежи започна црна кампања против актуелната власт предводена од премиерот Зоран Заев. На Фејсбук страницата „Ова е Македонија“ се појави видео клип со наслов „СДСМ е канцер за здра(в)ството во Македонија“, со кој се обвинува министерот за здравство, Арбен Таравари за наводна неуспешна работа и за сите пропусти во македонското здравство. Покрај грубите напади против министерот кој е на фукција едвај 100 денови, во клипот се користи и делот од изборниот спот „Тешкото“ на СДСМ од кампањата за декемвриските парламентарни избори, во кој актерот Перо Арсовски ги говори стиховите на Блаже Конески.
„Јас сум огорчен, но не сум изненаден со потегот на криминалците… Токму ова ‘позајмување’ на мојот глас, без да ме прашаат, со целосно вадење од контекст и користење на дел од оригиналниот спот за сосема друга цел, го прикажува нивното вистинско лице. И досега газеа по мојата чест и гордост, ме прогласија дури и за кодош… Но, јас ги добив двата процеса, со две судски пресуди за клевета и навреда. Сепак, ова нема да го оставам така, моментално сум во Белорусија, и деновиве, кога ќе се вратам ќе се консултирам со мојот адвокат и ќе поднесам кривична пријава“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, актерот Перо Арсовски за сквернавењето на неговото остварување.
Иако до официјалниот старт на изборната кампања за локалните избори има уште десетина денови, на одделни портали се врти видео спот од Јутјуб, „100 дена Влада на СДСМ: Договор со Бугарија“, со кој, како дел од црната кампања, се напаѓа потпишувањето на Договорот за соработка, добрососедство и пријателство со Бугарија.
Веќе е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ, во недостаток на аргументи и со големата хипотека од обвинувањата за криминал на речиси целото партиско раководство, на овие локални избори ќе настапи главно со оцрнување на политичкиот противник, според досегашната матрица: Тиранската платформа, Договорот со Бугарија, двојазичноста, референдумската фарса со мигрантите…
Дехран Муратов