„Едно е да зборуваме за влијанието на политиката во образованието, или исполитизирано општество, и нормално дека на ваков висок степен на исполитизирано општество какво што е нашето, сите актери истапуваат од вредносни позиции, а не од аргументирани. Секако е дека и образованието е длабоко исполитизирано. Не зборувам дека во оној конструктивен аспект политичката волја и државата се длабоко заинтересирани, туку сите оние деструктивни процеси дека и образованието е веќе дефинирано како политика. На некој начин и јас доаѓам од образование, штета што нема тука претставници на основното и на средното образование, каде што мислам дека проблемот е многу голем.“, изјави проф. д-р. Јасна Бачовска денеска на панелот на ЦИВИЛ „Деполитизација на училиштата“.
Жал ми е дека оваа година, кога славиме триесет години независност на државава, многу луѓе се постари од самата држава, па можеме така како личен опис да зборуваме, на некој начин, јас сум се школувала и во еден друг систем, сега имам дете во трето одделение, и како очевидец ги чувствувам сите тие негативни појави. Мојот син учи во јавно основно училиште, секој месец се преиспитуваме дали сме ја донеле вистинската одлука да учи… Не станува збор само за проблем со квалитет на кадарот, туку и со инфраструктурни услови, дали имаат сапун кога ќе влезат во училиштето, мириса непријатно од тоалетите, и некако престанувате да мислите за политизираност, туку каде го носам детето. Ова се страшни состојби, а образованието е секогаш на високи агенди на политичките партии. Постојано имавме модернизација на образованието, најавување на некои радикални промени, имплементирање на Кембриџ програми, а од друга страна имаме школи без греење и без основни услови за хигиена и функционирање, и клупи, а од друга страна зборувате за компјутери и паметни табли…Премногу ветување, малку остварувања, комплетно ретроградни процеси.
Во однос на партизацијата на образованието, Бачовска вели дека таа е посебно видлива во основното образование.
„И во социјализмот, на пример, десет години чекав вработување на факултетот, и бев демонстратор, неплатен, и дојдов во една состојба, во 2006 или 2007 година, се вработија луѓе, така паднаа од некаде, кај нас на правен факултет, па немаа ниту часови да држат, додека ти си чекал десет години вработување како најдобар студент на генерацијата, и тоа се фрустрации.
И тоа е вулгарна партизација на образованието.
Во основното образование партизацијата е многу видлива, особено во ова општество, када што степенот на политичка култура е многу низок, како и демократската свест, партиципативната граѓанска култура е исто ниска, и имаме состојби каде градоначалниците поставуваат директори на основните училишта, меѓутоа, директори фигури, кои никогаш ги нема нешто да кажат, да побараат, да се бунат, некој сервилно полтронски однос кон градоначалниците, премиерите…
Имавме поразителни состојби кога еден премиер го носеше детето на училиште со слики по медиумите. Тоа е проблем на култура што не може веќе ниту да се замаскира. Тој процес е толку голем, што не знам дали е можно да се реши ако го пуштиме со некој спонтан општествен процес.
Што се однесува до квалитетот на наставниот кадар, сега најлошите ученици се запишуваат на педагошката академија, бидејќи мислат дека најлесно ќе поминат факултет и ќе добијат некоја сигурна работа што ќе трае 4-5 часови. Тие факултети се неатрактивни за силните ученици“, додава меѓу другото Бачовска.
Дијана Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети