Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден му рекол на рускиот претседател Владимир Путин во вторникот дека Соединетите Држави се подготвени да преземат силни економски мерки доколку Русија ја нападне Украина – сигнализирајќи дека овие нови мерки ќе имаат поголем удар од санкциите воведени во 2014 година, кои не успеаја да спречат Русија да го окупира Крим, објави Си-Ен-Ен.
„Ќе ве погледнам во очи и ќе ви кажам, како што претседателот Бајден го погледна Путин во очи и му рече денес, дека работите што не ги направивме во 2014 година, сега сме подготвени да ги направиме“, изјави за новинарите советникот за национална безбедност Џејк Саливан, по повикот на Бајден со Путин во вторник попладне, на 7 декември.
Во текот на последните неколку месеци, Русија подигна линии за снабдување, вклучувајќи медицински единици и гориво, кои би можеле да одржат долг конфликт доколку Москва одлучи да ја нападне Украина, изјавија за Си-Ен-Ен двајца познавачи на најновите разузнавачки проценки. И неодамнешните наоди на американското разузнавање проценуваат дека Русија би можела да започне воена офанзива во Украина за неколку месеци, бидејќи ќе собере до 175.000 војници вдолж границата. Саливан рече дека администрацијата сè уште верува дека Путин не донел одлука дали да започне воена офанзива против Украина.
Саливан не навлегува во детали, но додаде дека САД се координираат со европските сојузници „на длабоко ниво на специфичност“.
Тој рече дека Бајден „бил отворен и директен со претседателот Путин, како што е секогаш“, подоцна додавајќи дека „имаше многу давање и земање. Немаше мавтање со прсти, но претседателот беше кристално јасен за тоа каде стојат САД за сите овие прашања“.
Заедно со економските последици споменати на повикот, Саливан рече дека Бајден пренесе дека САД се подготвени да ги зајакнат одбранбените способности во регионот.