Американскиот претседател Џо Бајден одржа заедничка прес-конференција со финскиот претседател Саули Ниинисто во Хелсинки. Тој рече дека конфликтот во Украина не би требало да трае со години, наведувајќи дека Владимир Путин веќе ја изгубил војната, пишува Си-Ен-Ен.
„Не постои никаква можност тој да ја добие војната во Украина. Тој веќе ја изгуби таа војна“, рече Бајден на прес-конференцијата.
Тој додаде дека не мисли дека војната ќе продолжи со години, бидејќи Русија не може да ги одржува своите ресурси толку долго, а Путин веројатно на крајот ќе одлучи дека тоа не е во интерес на Русија; економски, политички или во некоја друга смисла.
Тој исто така рече дека нема голема веројатност Путин да употреби нуклеарно оружје за да ја подобри својата позиција на линијата на фронтот по неуспешниот бунт на групата Вагнер.
Бајден изјави дека основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, можеби е во опасност бидејќи минатиот месец се обиде да крене бунт во Русија.
-Би внимавал што јадам. Би обрнал внимание на менито, рече Бајден на прес-конференција во Хелсинки.
Блумберг наведува дека шегата на Бајден алудира на, како што се истакнува, „тоа дека руските безбедносни служби користат нервни агенси и полониум за да ги убијат политичките непријатели на Владимир Путин“.
Бајден кажа дека светските лидери на самитот на НАТО во Вилнус разговарале за тоа дека не знаат каде е моменталната локација на Пригожин и како бунтот може да влијае на руските операции во Украина и на иднината на групата „Вагнер“.
По бунтот и договорот со белорускиот претседател Александар Лукашенко, шефот на „Вагнер“ замина за Белорусија, но Кремљ неделава соопшти дека Путин, пет дена по бунтот, што се крена на 24 јуни, одржал тричасовен состанок со Пригожин и другите команданти.