Бан Ки-мун, поранешниот генерален секретар на ОН, го разбира разочарувањето на луѓето ширум светот од неможноста на ОН да реагираат на агресијата на постојана членка на Советот за безбедност на ОН против друга земја поради правото на вето.
„Совршено го разбирам разочарувањето на луѓето ширум светот, а да не ги спомнуваме оние земји на чија територија една од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН спроведува агресија. Меѓународниот механизам не успеа некако да реагира на тоа поради правото на вето. изјави Бан Ки Мун на брифинг во Киев на прашањето зошто државата агресор е се уште постојана членка на Советот за безбедност на ОН, јавува дописникот на Укринформ.
Тој истакна дека земјите-членки на ОН разговарале за реформата на Советот за безбедност на ОН во последните 20 години, но оваа реформа „не се помести ниту еден чекор“ бидејќи постојаните земји-членки на Советот за безбедност на ОН не сакаат да создадат одредени ограничувања на правото на вето. Во овој контекст, поранешниот генерален секретар на ОН истакна дека за спроведување на реформата е потребна согласност од сите постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
Во исто време, според него, тоа не значи дека ОН ништо не презема, бидејќи оваа меѓународна структура даде силен придонес во обезбедувањето на заштитата на човековите права, како и во промовирањето на целите за одржлив развој и заштитата на животната средина.
„Одредени работи требаше да се направат дури и за време на мојот мандат како генерален секретар. И сега ја гледаме оваа ужасна ситуација со кршење на човековите права, убивање луѓе. Навистина се надевам дека земјите-членки ќе го сфатат многу сериозно прашањето како Системот на ОН може да одговори на очекувањата на меѓународната заедница“, рече Бан Ки Мун.
Како што е соопштено, на 26 април, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се бара од постојаните членки на Советот за безбедност да ја оправдаат употребата на правото на вето.
Подготви: Д.Мишев