Група од десеттина членови на Македонското патриотско здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, синоќа по протестот на „За заедничка Македонија“ во Скопје, се обиделе физички да се пресметаат со новинарот на „Плусинфо“, Божидар Барлакоски. Тие извикувале погрдни зборови по него, меѓутоа новинарот успеал да остане професионален и да се повлече.
„Почнаа да ме пцујат и бркаат откако видоа дека не сум од ‘нивните новинари’. Сакам да ги прашам ‘патриотите’: дали во нивната заложба за заедничка држава и соживот, го сметаат и тоа што ќе тепаат новинари коишто си ја извршуваат работата? Исто така, не знам колку надлежните институции имаат контрола над ваквите групи и здруженија кои можат да предизвикаат инциденти“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, новинарот Барлаковски.
Придружуван од уредникот на „Плусинфо“ Бранко Героски, новинарот Барлакоски доцна синоќа настанот го пријавил во Првата полициска станица (Беко). Притоа, новинарот на полицајците им го посочил идентитетот на тројца од напаѓачите кои биле во црна облека со амблеми на здружението.
Од „МПЗ Пере Тошев“ на нивната официјална Фејсбук страница демантираат дека имало било каква бркотница по скопските улици и дека сакале да тепаат некој новинар, како и „сè што е напишано во соросоидниот текст“ (на „Плусинфо“ – н.з.).
„Вие можете колку сакате да не оцрнувате ама ние нема да попуштиме, знаеме дека ви сметаме бидејќи ја браниме Македонија од гниди како вас. Ако сме сакале да се пресметуваме на улица, сигурно немало на 20 луѓе да им избега така лесно, нели? А дека се предавнички копилиња, тоа го знаат сите, не мора да им го кажуваме тоа ние, туку цел Македонски народ им го кажува тоа“, стои во демантот.
Д. М.