Предложениот Буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии – капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата на буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари, при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот, рече министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го дополнетиот Предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2023 година на почетокот од денешната собраниска седница.
Предлог-буџетот за 2023 година, посочува министерот, е реален, ги лоцира приоритетите и алоцира соодветно средствата на граѓаните и фирмите. Во текот на 2023 година планирано е континуирано подобрување на системот за планирање на Буџетот, преку подобра контрола на трошоците и преземање на одредени предлог мерки на приходната и расходната страна.
– Вкупните приходи на Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарди денари и истите се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари, појасни Бесими.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2023 година се базираат на следните претпоставки – реализација на приходите во тековната 2022 година, очекувања за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.
– Најголем пораст е проектиран кај приходите од данокот на додадена вредност кои со Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 78,5 милијарди денари, а што се должи на очекуваниот пораст на финалната потрошувачка и пролонгираните инфлаторни движења во економијата. Приходите по основ на данокот на додадена вредност учествуваат со 48,3 отсто во вкупните даночни приходи за 2023 година и со 8,5 проценти во БДП, изјави министерот.