Чудни години беа, 2007-ма до 2010-та. Памтам како лицата на луѓето почнаа да се менуваат, во сиво и во – засекогаш. Градот, градот повеќе не беше наш.
Влегов во тоа друштво случајно, како и во повеќето низ животот. „Персонална маса“ беше директно, буквално тоа. За секој персонален, само не за персоналот. Лична и персонална.
Нѐ имаше од сите фели и сорти, памтам еден Србин, па Грк, па еден Хрват (преку Хрватот јас влегов во друштвово), па Албанец, па Македонец… Седевме меѓу инвентар рачно склепан, дрво на начинот и формата во која требало да биде изигруваше маси и столици што не потпираа нас, раја веќе подослабната од своите лични тегоби и природни форми.
Погледни угоре – железо и кров во геометриски форми, направо долу – исконското Или-Или, направо горе, во организиран хаос – Цивил. Не памтам точно, ама горе или долу имаше постојано бела хартија или празен штафелај или нешто за цртање, така работеше Шуки. Зад нас – фрижидер што кркори како стомакот на Ѓаволот, таму беше ракијата на Гркот.
Секој почнуваше ден различно, јас дупло еспресо и пелинковец, а Шуки доаѓаше со тој славен шешир, беше ковчест и со низок раст и не, не беше шеширот што ми асоцираше на одметник, него брадата, поткрепена со некое неупадливо шалче. Хрватот и Гркот знаеја да го малтретираат клавирот, ама Шуки ништо и никого, никогаш. Не памтам точно кога беше, затоа што до ден денес мислам дека смислено ги правевме деновите да ни бидат исти, убавина, ама на некого, некогаш му реков – ситен е со шеширов, ко Били Кид. Стари волци ако те мерат за у друштво, нема да ти пуштат многу простор веднаш, така памтам, никој ништо не ми изреагира, ја мислев нешто досетливо сум тропнал.
Еден ден, некој си намерник Словенец дојде да прашува за некоја изложба, истиве ние седнати на маса и ете ти, Шуки галантно се сврте према нас, штом го прочита Словенецов, вика: Овој ни фалеше, оде воз у кукуруз. Како да се смееш свиткан у кичмата, а на човеков да не му биде непријатно, беше проблем.
РИП Мaestro!