ВЕСТ НА ДЕНОТ
Блокади пред Владата и низ државата против европскиот предлог, од МВР велат противзаконски е блокирање автопати
Денеска попладнево протестирачите го блокираа булеварот пред Владата, како и магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. Блокадите се одржуваат денес, а за в недела е најавен нов протест под мотото „Ултиматиум, не благодарам“.
Од МВР велат дека блокирање автопати е спротивно на законот.
Согласно, член 2-а од Законот: „Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен: до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните, до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај“. Во членот 4 од истиот закон стои: „Заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба, информира МВР.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски за американската телевизиска мрежа Си-ен-ен изјави дека Киев не е подготвен да жртвува дел од својата територија за мир со Русија.
„Украинците не се подготвени да се откажат од својата земја, да прифатат дека овие територии и припаѓаат на Русија. Ова е наша земја“, наведе Зеленски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА Предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, а која ја претстави Француското претседателство со Унијата е проследена во законодавниот дом на разгледување и носење натамошни заклучоци согласно со процедурите. Одлуката за тоа ја донесе Владата вчера на седница, откако ја разгледа Информацијата од Министерството за надворешни работи за предлогот, што стаса во Собранието, но седница се уште не е закажана.
ЕК По испраќањето на ревидираниот француски предлог, видовте дека премиерот Ковачевски најави широк процес на консултации со сите релевантни чинители, овој процес е во тек и се разбира одлуката за овој ревидиран предлог е суверена одлука на Северна Македонија, одблиску ги следиме настаните и дебатите кои се одвиваат, изјави портпаролката за проширување, Ана Писонеро.
ПРАВДА Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на првата констититутивна седница за нов Граѓански законик. Со ова, продолжува да се реализира најголемата реформа во сферата на граѓанското право, а и во правото воопшто.
ОДБРАНА „Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави секоја година достигнува нови врвови, нови успеси, а заслужни за тоа се сите вработени во Канцеларијата за одбранбена соработка и соработниците од Министерството за одбрана“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со досегашниот шеф на Канцеларијата, Ден Маеда и новопоставениот шеф, Шон Руфоло.
СОРАБОТКА Онлајн состанок на лидерите на Отворен Балкан: Нашата соработка е конкретна, за силен економски регион подготвен за членство во ЕУ
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го напушти министерскиот состанок на Групата Г-20 додека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од говорницата ја критикуваше Москва заради војната во Украина.
*
Национална аеронаутичко-вселенска администрација на САД, (НАСА) тврди дека Русија ја користи Меѓународната вселенска станица за политички цели, конкретно за поддршка на војната во Украина, пренесува МИА.
СЛОБОДНА ЗОНА
Лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев, на 5 јули најави радикализација на протестите против францускиот предлог, а откако протестите станаа порадикални, односно насилни, од партијата се дистанцираа. Ги хушкаше членовите, симпатизерите, поддржувачите да се радикализираат, а потоа ги пушти „низ вода“. Се оградува од нив демек беа „провокатори“, „полициски инфилтратори“ „ЦИА“, бла, бла… Уапсените дечки, кои беа нахушкани, сега ќе се влечкаат по судови, затвори, а тој и понатаму ќе си биде пратеник и ќе зема плата, и тоа од Собранието на Република Северна Македонија, пишува Дехран Муратов во колумната „Хушкачите на слобода – заведените во притвор!“.